Иран потпиша меморандум за приклучување на Шангајската организација за соработка
- Иранскиот претседател Ебрахим Раиси сега е во Самарканд во Узбекистан каде учествува на самитот на организацијата. Се очекува да се сретне со рускиот претседател Владимир Путин, јавија иранск
Техеран, 15 септември 2022 (МИА) - Иран потпиша меморандум за полноправно членство во Шангајската организација за соработка, информираше денеска иранскиот министер за надворешни работи Хосеин Амир-Абдулахиан.
Како што пишуваат медиумите, со ова се потврдуваат напорите на Техеран да ја надмине економската изолација поради американските санкции.
„Со потпишување на документот за полноправно членство во Шангајската организација за соработка, Иран влезе во нова фаза на различна економска, комерцијална, транзитна и енергетска соработка“, напиша министерот на Инстаграм.
Безбедносното тело на земји од Централна Азија, што бргу се шири, основано од Кина и Русија, минатата година го одобри иранското барање за членство. Тврдокорните лидери на Техеран ги повикаа членките да помогнат во формирање механизам за избегнување на санкциите од Западот поради спорната иранска нуклеарна програма.
Иранскиот претседател Ебрахим Раиси сега е во Самарканд во Узбекистан каде учествува на самитот на организацијата. Се очекува да се сретне со рускиот претседател Владимир Путин, јавија ирански медиуми.
Телото, формирано во 2001 година како механизам за дискусија за Русија, Кина и поранешните советски држави во Централна Азија, се прошири пред четири години за да ги вклучи Индија и Пакистан, со цел да се зајакне како противтежа на западното влијание во регионот.
Иран отсега ќе може да учествува на состаноците, но, веројатно ќе треба да помине време за да постигне полноправно членство. Ова го појасни за руската државна телевизија, заменикот на главниот секретар на организацијата, Григориј Логвинов.
Иранската економија е тешко погодена од 2018 година, кога тогашниот американски претседател Доналд Трамп, ги повлече САД од нуклеарниот договор на Техеран со светските сили, вклучувајќи ги Русија и Кина.
Повеќемесечните индиректни преговори меѓу Иран и администрацијата на претседателот на САД, Џо Бајден, се во ќорсокак поради неколку препреки за враќање на нуклеарниот пакт. Според него, Техеран прифати да ја ограничи својата нуклеарна програма во замена за отстранување на санкциите. бд/сд/