• сабота, 09 ноември 2024

Иран планира одбранбен пакт за зајакнување на сојузниците на Блискиот Исток

Иран планира одбранбен пакт за зајакнување на сојузниците на Блискиот Исток

Техеран, 8 октомври 2024 (МИА) - Иран планира да ги зајакне своите сојузници и вооружени групи на Блискиот Исток преку нов одбранбен пакт во контекст на растечките тензии во регионот, соопшти иранската новинска агенција Тасним, пренесува ДПА.

Според информациите, пактот ќе има цел да создаде заедничка одбранбена структура за државите и групите што припаѓаат на водената од Иран „Оска на отпорот“ – мрежа на сојузници кои се борат против Израел.

Според предлогот, земјите што ќе го потпишат пактот ќе бидат обврзани да обезбедат целосна економска, воена и политичка поддршка на сојузниците во случај на напад од страна на Израел или САД, објави Тасним.

Во текот на изминатата година, Израел значително ги ослаби двата главни сојузника на Иран – Хезболах во Либан и Хамас во Појасот Газа, убивајќи некои од клучните лидери и членови на овие групи.

Во својата долготрајна борба против Израел, Иран го прошири своето влијание на Блискиот Исток, потпирајќи се на сојузнички држави како Ирак, Сирија, Јемен и Либан, и обезбедувајќи постојана поддршка на вооружените групи.

Планираниот пакт моментално се разгледува од страна на иранската Комисија за национална безбедност и надворешна политика, а наскоро ќе биде поднесен до парламентот за разгледување, наведува ДПА. ссм/

фото: архива

Остани поврзан