• петок, 05 декември 2025

Иран бара укинување на санкциите во замена за одредени ограничувања во нуклеарната програма

Иран бара укинување на санкциите во замена за одредени ограничувања во нуклеарната програма

Техеран, 12 август 2025 (МИА) - Иран е подготвен да прифати одредени ограничувања на својата нуклеарна програма во замена за укинување на економските санкции, но целосно запирање на збогатувањето ураниум не е предмет на преговори, изјави заменик-министерот за надворешни работи на земјата, Маџид Тахт-е Раванчи.

- Можеме да се согласиме на ограничувања на нашата нуклеарна програма, а за возврат санкциите мора да бидат укинати, изјави Тахт-е Раванчи за „Кјодо њуз“, пренесе „Иран интернешнал“.

- Иран може да биде флексибилен во однос на капацитетот и ограничувањата на збогатувањето, но под никакви околности не може да се согласи на целосно запирање на збогатувањето бидејќи тоа е неопходно, а ние мора да се потпреме на себе, а не на празни ветувања, додаде тој.

Раванчи посочи дека една од пречките за обновување на преговорите со Вашингтон е потребата да се разјаснат минатите потези на САД.

- САД треба да ни ги објаснат причините поради кои се одлучија за употреба на сила против нас. Ако сакаме искрен дијалог, сите мора да бидат транспарентни. САД всушност нè измамија – се преправаа дека сакаат да разговараат, а во суштина се одлучија за воена опција, изјави тој.

Заменик-министерот нагласи дека Техеран останува отворен за разговори, но нема да поставува временска рамка. - Иран е подготвен да се вклучи во дијалог, но не можеме да утврдиме точен рок за разговорите, рече Раванчи, додавајќи дека „меѓу Иран и САД се разменуваат пораки преку посредници“.

Иран и САД одржаа пет рунди преговори меѓу април и мај годинава, во Мускат (Оман) и во Рим (Италија). Шестата рунда беше закажана за 15 јуни во Мускат, но беше одложена откако Израел два дена претходно изведе воздушни напади врз Иран.

Подоцнежниот 12-дневен судир во јуни вклучи американски напади врз иранските нуклеарни постројки во Исфахан, Натанц и Фордо, како и израелски удари со кои беше уништена клучна инфраструктура. Во тие напади загинаа неколку високи воени функционери и научници, како и стотици цивили. Иран возврати со ракетни напади во кои беа убиени 32 израелски државјани. ссм/

фото: архива

Остани поврзан