Индија и САД ја продлабочуваат воената соработка
- Воените аналитичари во Индија се оптимисти за средбата меѓу индискиот премиер Нарендра Моди и американскиот претседател Доналд Трамп, додека двајцата лидери ги истакнаа плановите за продлабочување на воената соработка.
![Индија и САД ја продлабочуваат воената соработка](https://mia.mk/images/20250214153240_big_730x400_74.webp )
Њу Делхи, 14 февруари 2025 (МИА) - Воените аналитичари во Индија се оптимисти за средбата меѓу индискиот премиер Нарендра Моди и американскиот претседател Доналд Трамп, додека двајцата лидери ги истакнаа плановите за продлабочување на воената соработка.
-Има многу пари во одбранбениот сектор, а Индија е еден од најголемите купувачи во светот. Се додека ние купуваме, Трамп ќе биде среќен, а овие набавки секако ќе ја зајакнат нашата војска, изјави генерал-полковник Винод Бхатија, генерален директор за воени операции на Индија од 2012 до 2014 година.
-Средбата сигнализираше дека воената дипломатија е јадрото на дипломатијата овие денови, рече Бхатија.
На заедничката прес-конференција во Вашингтон, Трамп и Моди најавија потпишување на нов договор за воено партнерство меѓу САД и Индија, кој откако ќе стапи во сила, ќе трае 10 години.
Моди и Трамп „ветија дека ќе ја подобрат воената соработка во сите домени преку засилена обука, вежби и операции, вклучувајќи ги и најновите технологии“, се вели во соопштението.
Двајцата, исто така, „се договорија да го задржат распоредувањето на американските и индиските воени сили во Индо-Пацификот, вклучително и подобрена логистика и размена на разузнавачки информации“.
Додека индиските воени експерти долго време се обидуваат да ги диверзифицираат воените набавки, аналитичарите велат дека ќе бидат потребни години за да се намали зависноста на Њу Делхи од руското оружје, дури и со проширена одбранбена соработка со САД.
Раџа Мохан, аналитичар на Институтот за јужноазиски студии во Сингапур, вели дека за проширување на одбранбената соработка ќе биде потребно време.
-Она што го сака Индија е копродукција и повеќе истражување и развој во Индија. Тоа е долгорочен проект, рече тој.
Сепак, договорот со САД за купување борбени авиони Ф-35 нема да ги исполни моменталните барања на Индија за повеќе од 100 авиони, рече Рахул Беди, воен аналитичар.
Ќе бидат потребни неколку години за да почне да пристигнува опремата што е купена, рече Беди. мс/
фото: МИА архива