• среда, 24 април 2024

Индискиот министер за надворешни работи се сретна со својот украински колега во Делхи

Индискиот министер за надворешни работи се сретна со својот украински колега во Делхи

Делхи, 29 март 2024 (МИА) - Индискиот министер за надворешни работи, Субрахмањам Џаишанкар денеска разговараше со својот украински колега Дмитро Кулеба, кој е во посета на Делхи за зајакнување на билатералните врски и соработката со Индија, која ја смета Русија за историски сојузник од Студената војна.

Џаишанкар во објава на социјалната мрежа „Х“ рече дека тој и Кулеба разговарале за „тековниот конфликт и неговите пошироки импликации“, додавајќи дека двајцата ќе работат заедно на зајакнување на односите меѓу нивните земји.

-Индија и Украина се традиционални пријатели, но мислам дека има многу повеќе што можеме и треба да направиме, не само во интерес на нашите народи, туку и во интерес на глобалниот развој и безбедносната архитектура, изјави денеска украинскиот прв дипломат.

Кулеба вчера за индиските медиуми изјави дека сака да разговара за формулата за мир во Украина додека е во посета на Делхи и да ја охрабри Индија да игра поголема улога во напорите за ставање крај на руската војна во Украина.

-Индија може да игра многу важна улога во обединувањето на повеќе нации од глобалниот југ, рече Кулеба во интервју за ТВ Њу Делхи.

Според него, Индија може да биде особено корисна поради нејзините блиски односи со Русија.

-Ова значи дека Индија може да влијае на однесувањето на Русија, нагласи Кулеба, но исто така истакна дека односите на Делхи со Москва се засноваат на минатото, додека оние со Украина „имаат повеќе иднина“.

Украина се надева дека ќе одржи состанок на високо ниво, без учество на Русија, за да постигне напредок во мировната формула во која Киев, меѓу другото, повикува на повлекување на руските војници од територијата на земјата. Русија ја отфрла иницијативата како неодржлива.

Портпаролката на руското МНР, Марија Захарова, денеска повтори дека Русија нема намера да учествува на конференцијата за Украина. мс/

фото: МИА архива

Остани поврзан