• недела, 22 декември 2024

Илјадници Шпанци демонстрираа против амнестијата за сепаратистите

Илјадници Шпанци демонстрираа против амнестијата за сепаратистите

Мадрид, 8 ноември 2023 (МИА) - Неколку илјади Шпанци демонстрираа пред седиштето на шпанската Социјалистичка партија (ПСОЕ) во Мадрид против предложената амнестија за каталонските сепаратисти.

Некои од демонстрантите синоќа фрлаа камења и други предмети кон полицијата, некои оддадоа нацистички поздрав и вееја знамиња на диктатурата Франко, како што е прикажано на телевизиските снимки, јави ДПА.

Полицијата употреби солзавец и палки против некои екстремистички учесници на собирот. Според извештаите на медиумите, најмалку шест демонстранти и еден полицаец се полесно повредени, а три лица се приведени.

Преодната влада на премиерот Педро Санчез од ПСОЕ има за цел да обезбеди поддршка од двете сепаратистички партии кои ја претставуваат Каталонија во Долниот дом за уште еден четиригодишен мандат со закон за амнестија и дополнителни отстапки.

Најголемата опозициска партија, конзервативната Народна партија (ПП) и десничарскиот популистички Вокс се противат на отстапките. Илјадници веќе демонстрираа пред седиштето на ПСОЕ во понеделникот.

Социјалистите (ПСОЕ) на Санчез веќе постигнаа договор со Републиканската левица на Каталонија (ЕРЦ). Либералната партија Јунтс предводена од каталонскиот сепаратистички лидер Карлес Пучдемон, кој е во егзил во Белгија, сè уште треба да го одобри нацрт-законот за амнестија. Во моментов во Брисел се водат преговори за ова и за други прашања.

Амнестијата има за цел да им користи на сепаратистите кои учествуваа во неуспешниот обид за отцепување во 2017 година. Според сегашната состојба на дискусиите, таа би се однесувала и на таканаречените каталонисти кои биле во конфликт со шпанското судство пред или после тоа време. мс/

фото: МИА архива

 

Остани поврзан