Израелско МНР: Активистите на флотилата „Сумуд“ ќе бидат депортирани во Европа
- Активистите, меѓу кои се шведската активистка Грета Тунберг, пратеничката во Европскиот парламент Рима Хасан и други, се безбедни и во добра здравствена состојба,наведе израелското МНР, пренесено од американските медиуми.
Тел Авив, 2 октомври 2025 (МИА) - Приведените активисти кои транспортираа хуманитарна помош во Појасот Газа како дел од глобалната флотила „Сумуд“ и беа пресретнати од израелската морнарица, ќе бидат префрлени во Израел за да се започне постапката за нивна депортација во Европа, соопшти денеска израелското Министерство за надворешни работи.

Активистите, меѓу кои се шведската активистка Грета Тунберг, пратеничката во Европскиот парламент Рима Хасан и други, се безбедни и во добра здравствена состојба,наведе израелското МНР, пренесено од американските медиуми.
Претходно, активистите во живо ги следеа израелските бродови како се приближуваат кон нивните бродови, прскајќи ги со водени топови и блескајќи со силни светла, пред израелските војници да се качат на бродовите на флотилата.

Претходно денеска еден од десантните бродови на израелската морнарица, или брод за логистичка поддршка, пристигна во пристаништето Ашдод со некои од приведените активисти од флотилата.
Силите на поморската командна единица „Шајтет 13“ изјавија дека повеќето од 47-те чамци на флотилата биле пресретнати и испразнети.
Израелската војска ги отфрли тврдењата на некои активисти дека дел од флотилата стигнала до водите контролирани од Израел покрај брегот на Газа, нарекувајќи го тоа „лажни информации засновани на следење“.сд/
фото:ЕПА