• понеделник, 30 септември 2024

Измените на Законот за заштита на децата пред членовите на Комисија за труд и социјална политика

Измените на Законот за заштита на децата пред членовите на Комисија за труд и социјална политика
Скопје, 26 април 2022 (МИА) - Членовите на собраниската Комисија за труд и социјална политика денеска расправаа за Предлог-законот за изменување на Законот за заштита на децата, по скратена постапка. За овој Предлог-закон поднесен е еден амандман од група пратеници од ВМРО-ДПМНЕ. Ангелинка Петкова го образложи амандманот и рече дека тој се предлага со цел подобрување на законското решение. -Со него ќе се зголемат бодовите на платите на вработените за 18,5 отсто, односно ќе се изврши нивно усогласување со порастот на минималната плата во ситуција кога во државата трошоците за живот растат, треба да се зголемат и платите за да се покријат основните трошоци за живот, изјави Петкова. Министерката за труд и социјална политика Јованка Тренчевска произнесувајќи се за амандманот, посочи дека подолго време Владата заедно со СОНК, како репрезентативен синдикат во образованието и детската заштита, води социјален дијалог за зголемување на платите во образованието и детската заштита. -Вчера по повеќе од три часа дијалог со претставниците на СОНК беше договорено да се зголемат платите за 12 проценти во образованието и во детската заштита. Со отворањето на процесот на подготовка на општиот колективен договор, се вметне нова методологија за постојан раст на платите што ќе значи усогласување на платите со порастот на трошоците на живот и усогласување на платите со порастот на просечната плата која ќе се применува од 01.01.2023 година, рече Тренчевска. Додаде дека разговарале и за К-15 кој, како што рече, во образование и детска заштита никогаш го немаат добиено, за да добијат К-15 од 2023 година. Нагласи дека од 2019 година па досега платите во образование и во детска заштита се зголемуваат за повеќе од 33 отсто. Потсети дека за време на Владата на ВМРО-ДПМНЕ, до 2017 година, зголемувањето на платите во образованието беше само 4 отсто. -Во договор со СОНК е договорено тие денес да ги контактираат членовите на Синдикатот и вечерва да излезат со став дека штрајкот од среда се прекинува, училиштата ќе функционираат нормално, учениците ќе се вратат во училиштата, детските градинки ќе функционираат нормално, а родителите ќе се вратат на работа. Со оглед на тоа што е постигнат договор со СОНК, овој амандман не се прифаќа, изјави Тренчевска. Потоа членовите на комисијата од ВМРО-ДПМНЕ реагираа дека „тоа не е договорено и порачаа да не се мами“. Благица Ласовска, повикувајќи се на правата на жените и нивната заштита, предложи доколку се сложат сите да се даде пауза на комисијата и да се состане Клубот на пратенички, вклучувајќи ја и министерката Тренчевска. -Да донесеме правилно и праведно законско решение за овие жени, рече Ласовска. Членовите на комисијата не го поддржа предлогот на Ласовска. Во расправата членовите на собраниската комисија изнесуваа различни ставови, кои се однесуваа на човековите права, на правата на жените, на штрајкот во градинките и во училиштата, на платите на вработените во овие овласти, се осврнаа на измените на Законот за абортус, потсетија на предметот „27 април“, побараа предвремени избори... Седницата на собраниската Комисија за труд и социјална политика треба да продолжи попладнево. мд/лв/

Остани поврзан