• недела, 24 ноември 2024

Изложба „Приспивни сирени“ на Кристина Атовска во КИЦ на РСМ во Софија

Изложба „Приспивни сирени“ на Кристина Атовска во КИЦ на РСМ во Софија

Скопје, 4 мај 2023 (МИА) - Изложбата „Приспивни сирени“ на македонската новинарка Кристина Атовска вечер ќе биде отворена во Културно-информативниот центар на Република Северна Македонија во Софија. 

Посетителите ќе можат да погледат околу 50 фотографии во боја, настанати на военото жариште во Украина во 2022 година. Фотографиите се од местата, каде за време од тримесечниот престој на Кристина Атовска е снимен и истоимениот долгометражен документарен филм, чиј трејлер ќе биде прикажан за време на отворањето на изложбата.

- Фотографиите се практично сцени од филмот, а се поставени следствено како што се одвива дејствието во филмот. На почетокот, фотографиите го покажуваат окупиран Киев, преку ослободувањето на житомирскиот автопат и масакрот во Буча, до константно бомбардираниот Харков и првата линија на огнот во регионот Изјум. Цивилите и нивните секојдневија се во фокусот на овие фотографии, информира КИЦ на РСМ во Софија. 

За филмот „Приспивни сирени“ Атовска досега има осум награди од меѓународни фестивали и преку 12 селекции. Домашната премиера филмот ја имаше на 27 февруари 2023 година, а светската на 21 април 2023 година на фестивал на Палм Бич, Флорида.

Атовска е автор на публикацијата „Насоки за известување од зона на вооружен конфликт“ изработена како дел од проектот „Поддршка на слободата на изразување во медиумите во Северна Македонија“ имплементиран од Советот за Етика, а кофинансиран од Европската Унија.

Атовска е автор и режисер на серијал од кратки документарни филмови поврзани со КОВИД-19, а во соработка со истражувачката мрежа СКУП. Во рамки на серијалот, неколку епизоди беа целосно посветени на лицата со посебни потреби, а се емитуваше на Македонската Радио Телевизија во периодот од август 2020 до февруари 2021 година.

На 20 март 2023 година Атовска беше наградена на „Годишните награди Никола Младенов 2022“ и ја зема наградата за најиновативен новинарски производ за прилогот од линијата на фронтот, насловен „Животот во рововите на првата борбена линија“ емитуван во Утрински Брифинг.

На 27 март 2023 година Атовска доби награда - плакета за Посебен придонес во професионалното новинарство за известувањето од Украина доделена од Здружението на Новинарите на Македонија. мд/са/

Фото: КИЦ на Република Северна Македонија во Софија

 

 

Остани поврзан