Изложба на расни кучиња и „специјалка“ за шарпланинци викендов во Брвеница
Тетово, 4 октомври 2023 (МИА) - Кинолошкото друштво „Балтепе“ од Тетово викендов организира национална изложба на расни кучиња и специјална, само за шарпланинци. Заинтересираните одгледувачи на кучиња имаат можност да се пријават заклучно со утре, до 24 часот.
- Оваа година државната изложба ја организираме во Брвеница во сабота и недела. Ринговите ќе бидат поставени на отворениот простор пред спортската сала „Кочо Рацин“ во ова место. Изложбите почнуваат од 10 часот, двата дена, најави Мирослав Серафимовски од Кинолошкото друштво „Балтепе“.
Ова е државна изложба, каде победниците ќе имаат национално оценување ЦАЦ (CAC-Certificat d'Aptitude au Championnat).
- За сите раси ќе се одлучува победник, според надворешен изглед, поделени по групи и по возраст - од шест до девет месеци, од девет до 12 месеци и така натаму. Оценувањето ќе го вршат вкупно пет судии, по двајца од Србија и Црна Гора и еден од Македонија. Државните прваци ќе добијат и пригодни награди - пехари, храна за кучиња, потенцираше Серафимовски.
Минатата 2022 година, за првпат по 20-тина години во градот под Шара, Тетово, имаше државна изложба за расата на автохтони кучиња - шарпланинци, од истите организатори. Кинолошкото друштво „Балтепе“ е формирано во 2019 година.
Заинтересираните одгледувачи на кучиња може да се пријават за учество преку интернет платформата https://tetovo.e-kinologija.com. ас/бд/
Фото: Кинолошко друштво „Балтепе“