• четврток, 19 декември 2024

Изложба на Киро Урдин во Белгија

Изложба на Киро Урдин во Белгија
Скопје, 29 јануари 2022 (МИА) - Во галеријата „Црниот пантер“ во белгискиот град Антверпен викендов ќе биде отворена изложба на македонскиот уметник Киро Урдин, на која че бидат претставени околу 150 дела од кои 118 мали формати во маслена техника, 12 дела во акварелна техника и 20 други слики во среден формат. Централно место ќе има сликата „Табула Раза“, која е со димензии 10 метри должина и 3 метри ширина изработена во маслена техника. Вкупно 118 мали формати на слики, се дел од 500-тина слики изработен во период од 14-месечна изолација на Киро Урдин за време на пандемијата од коронавирусот и се посветени на луѓето од целиот свет, кои што го преживеале коронавирусот. Идејата е да се оддаде почит кон човечката сила да се справи со пандемијата, во која голем број на луѓе го загубија животот, како епопеја на надежта. - По 25 години од изработката на сликата и филмот „Планетариум“, имав желба да изработам уште едно дело во голем формат и така се одлучив тоа да биде токму за време на изложбата во една од најстарите галерии, „Црниот Пантер“ во Антверпен . Еден дел од изложбениот простор се случува во катедралата која ми претставуваше предизвик, така се одлучив да изработам големо платно кое го нареков „Табула Раза“. Самата слика ја замислив како духовна метафора врз која на белата површина се втиснати знаци и форми кои што можат да се трансформираат парчиња од животот расфрлени во просторот, а сиот тој конгломерат залепен виртуелно на астероид,кој се движи во космосот, носејќи порака од планетата Земја, изјави уметникот Урдин. Во рамките на изложбата ќе биде претставен и документарен филм и книга со наслов „Табула Раза“. Изложбата на Урдин ќе биде отворена до 10 април 2022 година. мд/сп/

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан