• петок, 26 јули 2024

Излегува на слобода атентаторот на Роналд Реган

Излегува на слобода атентаторот на Роналд Реган
Вашингтон, 2 јуни 2022 (МИА) - Судија го прифати барањето за безусловно ослободување на Џон Хинкли Јуниор, кој на 30 март 1981 година, се обиде да го убие американскиот претседател Роналд Реган, со цел да ја импресионира актерката Џоди Фостер. Хинкли излегува на слобода шест години по неговото отпуштање од психијатриска болница. Според судот, по години лекување и психолошко набљудување, Хинкли повеќе не е опасен за општеството и од 15 јуни може да биде без судска контрола, оцени судот. Хинкли, кој има 67 години, пукаше во американскиот претседател, додека тој излегуваше од хотелот „Хилтон“ во Вашингтон. Напаѓачот изјави дека сакал да ја импресионира Фостер, која ја гледал во филмот „Таксист“. Реган беше погоден во градите, близу срцето. Притоа, три лица беа повредени, меѓу нив и Џејмс Брејди, тогашен портпарол на Белата куќа, кој имаше последици од раната и проблеми со говорот. Над 30 години Хинкли беше затворен во психијатриска болница, за во 2016 година да добие дозвола да живее со својата 90-годишна мајка. Неговиот живот беше воден од строги правила: мораше да го пријави секое излегување од дома, каде ќе се движи, во кое време, дали нешто притоа му се случило, редовно да посетува лекар или да бара негов совет преку телефон, како и да води дневник за своите активности. Тој имаше безусловна забрана за директен и индиректен контакт со Џоди Фостер и со нејзиното семејство, со потпомците на Роналд Реган и со жртвите. Според судските документи, неговата психичка состојба сега е „стабилна“. - Да не стануваше збор за атентат на претседателот, тој одамна ќе беше на слобода, изјави судијата Пол Фридмен. бд/ми/

Остани поврзан