• сабота, 27 јули 2024

Се зголемуваат тензиите околу иднината на ОБСЕ

Се зголемуваат тензиите околу иднината на ОБСЕ

25 ноември 2023

(Политико)

Организацијата за безбедност и соработка во Европа е во застој бидејќи Русија ја блокира Естонија да ја преземе функцијата претседавач.

Москва зема уште една жртва во својата инвазија на Украина: најголемото безбедносно тело во светот.

Од 2021 година, Организацијата за безбедност и соработка во Европа (ОБСЕ) е во застој, а Русија одбива да одобри Естонија да ја преземе функцијата претседавач во 2024 година. Сега се појавува можно решение - но тоа се покажува како причина за поделби за ЕУ.

Оваа недела Русија (и Белорусија) повторија дека не се подготвени да дозволат Естонија да го преземе претседавањето со ОБСЕ за следната година. Владините претставници од Естонија, која е кандидат од 2020 година, не го криеја гневот.

„Москва со години ја спречува организацијата да го усвои нејзиниот буџет, да одржува официјални настани и да ги прошири мисиите, што резултираше со крај на сите странски мисии на ОБСЕ во Украина, која е цел на руската агресија. Бидејќи Русија со својата крвава агресивна војна ги крши сите основни принципи на ОБСЕ , неприфатливо е организацијата да биде подложна на барањата и уцените на Москва“, изјави естонскиот министер за надворешни работи Маргус Цахна.

ОБСЕ е тело родено од Студената војна, составено од 57 земји од Европа, Северна Америка и Азија. Нејзиниот мандат вклучува следење на изборите и поддршка на мировните преговори.

Со својот систем кој бара едногласност, ОБСЕ е меѓу меѓународните тела изложени на стремежот на Кремљ за преобликување на глобалниот поредок во светлината на нејзината војна во Украина. Руската инвазија го загрози основниот концепт на кооперативна безбедност, што го отелотворува ОБСЕ.

- Москва долго време го критикува ОБСЕ, обвинувајќи го дека се претворил во алатка на Западот. Русите, исто така, ја искористија потребата од едногласно одлучување во ОБСЕ, со блокирање на одлуките, рече летонскиот претседател Едгарс Ринкевичс.

Способноста на Русија да го замрзне процесот на донесување одлуки на ОБСЕ внимателно се следи во Брисел, поради неколку причини. Меѓу нив е и договорот на генералниот секретар на ОБСЕ, Хелга Шмид - добро позната личност бидејќи беше врвен функционер во Европската служба за надворешни работи - истекува следниот месец. Голем број дипломати рекоа дека иднината на Шмид е меѓу жртвите на застојот создаден од руското вето.

Клучниот министерски состанок треба да се одржи во Северна Македонија (која претседава со ОБСЕ) на крајот од месецов. Дипломатите запознаени со дискусиите, велат дека се нудат различни опции за решавање на динамиката со Русија. Тоа ја вклучува и можноста Северна Македонија да остане на претседавачката позиција и во цела 2024 година или барем во првото полугодие.

Некои земји, особено балтичките, сметаат дека преземањето на претседавањето од која било друга земја би било отстапка за Москва. Но, други тврдат дека, на долг рок ОБСЕ би можел да продолжи да биде средство за комуникација со Москва ако дојде време да се преговара за Украина.

Продолжувањето на претседавањето на Северна Македонија нема да се смета за руска победа, изјави летонскиот претседател Ринкевичс за Политико, бидејќи „дури и пред Русија да ја нападне Украина, веќе беше очигледно дека Русите ќе го блокираат претседавањето на Естонија“.

Сепак, еден дипломат рече дека продолжувањето на мандатот на Северна Македонија сè уште нема да значи дека ОБСЕ ќе може да продолжи со работа, а исто така ја доведе во прашање и волјата на земјата да остане во таа улога.

Се чини дека Русија е отворена кон земјите кои не се членки на НАТО, според двајца од дипломатите. Според уште четворица дипломати, постои се поголем консензус дека решението би можело да биде Малта.

Австрија, која исто така беше спомнувана како можен кандидат, кажа дека е отворена за идејата за Малта. „Австрија ја поддржува секоја мерка за одржување на функционирањето на ОБСЕ. Како земја домаќин на организацијата, Австрија има посебна одговорност“, се вели во соопштението на австриското Министерство за надворешни работи за Политико.

Официјален претставник на германското Министерство за надворешни работи, кој сакаше да остане анонимен, рече дека „се чекаат важни одлуки во ОБСЕ“ и дека „ќе ги истражуваат можните компромисни решенија во Виена“.
„Затоа, од клучно значење е да се одржи функционирањето на ОБСЕ“, рече германскиот претставник.

Одлуката би можела да биде донесена уште на состанокот на дипломатите на ОБСЕ во Виена. Некои од дипломатите велат дека бидејќи рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров има намера да оди на состанокот во Скопје, постои загриженост дека Лавров може да ја искористи средбата за да прогласи победа доколку Малта го преземе претседавањето наместо Естонија.

Некои министри, според истите дипломати, имаат проблеми со неговото присуство.

Нејасно е, на пример, дали ќе присуствува и министерот за надворешни работи на Украина, Дмитро Кулеба, доколку Лавров биде таму.

„Веќе две години зборуваме за потребата да разговараме со господинот Лавров за форматот на Специјалниот суд. Сега сме сведоци на напорите тој да се врати на дипломатските разговори и да се нормализира присуството на Русија“, рече литванскиот министер за надворешни работи Габриелиус Ландсбергис.

Фото: МИА

 

 

Остани поврзан