• петок, 05 декември 2025

Избрани 11 згради за реконструкција со енергетски ефикасни фасади во Куманово

Избрани 11 згради за реконструкција со енергетски ефикасни фасади во Куманово

Куманово, 15 јули 2025 (МИА) - Единаесет згради од централното градско подрачје од Куманово влегоа во прелиминарните резултати за проектот за реконструкција на станбени згради за подобрување на енергетска ефикасност во колективно домување, информираа денеска надлежните од општината. Избраните згради се лоцирани на улиците „Народна Револуција“, на градскиот плоштад, „Ленинова“, „Моша Пијаде“, „Титова Митровачка“, „Димитрије Туцовиќ“.

Општина Куманово го објави повикот кон крајот на мај, годинава за субвенционирање на поставување на енергетски ефикасни фасади или поставување на енергетски ефикасни фасади и реконструкција на кровови на станбен згради за колективно домување. На повикот требаше да се пријават заедници на сопственици, или сопственици на посебни делови во станбени згради управувани од управител на станбени згради.

-Субвенционирањето ќе биде поддржано со финансиски средства од буџетот на Општина Куманово во висина од 30 проценти, но не повеќе од 500.000,00 денари од вкупниот износ на вредноста на инвестицијата за секоја одобрена апликација. Сопствениците на посебни делови во станбените згради ќе ги обезбедат преостанатите финансиски средства во висина од 70 проценти од вкупниот износ од вредноста на инвестицијата, информираа тогаш од општината.

Станбени згради за колективно домување треба да бидат постари од 25 години, 70 отсто од станарите треба да потпишат изјава за учество во проектот „Енергетски ефикасни домови“ за што доставуваат копии од изјави заверени на нотар.

-Проектните активности ќе се реализираат со финансиска поддршка на Хабитат Македонија со субвенционирање од општината која заедно со уште две општини потпиша меморандум за соработка за пилот-проект „Подобрување на енергетска ефикасност“ кој се реализира со Хабитат, информираа од општина Куманово.

Кумановци се жалат дека парчиња од дотраените фасади од зградите од централното градско подрачје речиси секојдневно се одронуваат понекогаш како ситна прашина, а при силен ветер и покрупни парчиња паѓаат на плочниците и ги вознемируваат граѓаните. Лиценцираните управители велат дека за разлика од минатото станарите последниве години повеќе се заинтересирани за вложување во заедничките простории, вклучително и за обнова на фасадите. Преку проектот се очекува и естетско доуредување на градот. ам/вг/


Фото: МИА

 

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан