• понеделник, 23 декември 2024

Изборот на нови судии во Апелација, може да ги врати „Ласкарци“, „Титаник“ и „Талир“ од почеток 

Изборот на нови судии во Апелација, може да ги врати „Ласкарци“, „Титаник“ и „Талир“ од почеток 

Скопје, 16 ноември 2023 (МИА) – Судењето за автобуската несреќа кај Ласкарци од 13 февруари 2019 година во која загинаа 16 лица и околу 30 беа повредени би можело да биде вратено од почеток поради изборот за апелационен судија на судијката Александра Ристеска.

На прашањето на МИА што ќе се случи со предметите по кои постапуваат судиите од Кривичен кои вчера беа избрани за судии во Апелациониот суд Скопје, како што се „Ласкарци“, „Титаник“ и „Талир“, од Судскиот совет велат дека постои можност за нивно делегирање.

- Одлуката за изборот на новите апелациони судии не е правосилна и можно е да бидат доставени и приговори. Дотогаш си работат на предметите, а доколку не се завршат до правосилноста, Судскиот совет има можност да ги делегира, велат од Судскиот совет за МИА.

Судскиот совет вчера избра осум нови судии во Апелациониот суд Скопје, меѓу кои судијката Александра Ристеска која е дел од Судечкиот совет за предметот „Ласкарци“, и судијата Османи Шабани кој ги води „Титаник“, „Талир“ и случајот за Велешката група.

Случајот „Ласкарци“ беше отворен во 2019 година, но поради потребата од супервештачење процесот се оддолжи речиси една година и се наоѓа на крајот од доказната постапка. Овој предмет сега би можел да биде вратен од почеток поради изборот на Ристеска за апелационен судија.

Предметот кој се однесува на незаконското финансирање на ВМРО-ДПМНЕ, „Талир“ е отворен 2019 година и се наоѓа во доказна постапка, исто, како и повторената постапка за случајот „Титаник“, кој започна во 2018 година. аа/ар/

Фото: МИА

Остани поврзан