• петок, 15 ноември 2024

„Иднината почнува дома“ – проект на ТИРЗ и Стопанската комора за мотивирање на младите да градат кариери во државава

„Иднината почнува дома“ – проект на ТИРЗ и Стопанската комора за мотивирање на младите да градат кариери во државава

Скопје, 20 декември 2023 (МИА) - ТИРЗ и Стопанската комора на Северна Македонија вечерва го претставија проектот „Иднината почнува дома“ кој промовира млади визионери, креатори, двигатели на идните промени. Целта на иницијативата е да поддржи и извади на површина индивидуалци кои се истакнуваат во своите области на делување, прават позитивна разлика и работат посветено и во интерес на иднината на државава. 

Десет млади се номинирани за „двигател на промени“ од ТИРЗ и десет се номинирани од Стопанската комора. Беа претставени како примери на луѓе кои успешно градат кариера, започнуваат или наследуваат бизниси. Покрај нив, оваа прва листа на номинирани ќе содржи уште 12, за да се стигне до вкупно 32 млади што ќе симболизира 32 години од независноста на државава и нејзиниот иден раст и развој. Тие 12 ќе ги номинира јавноста – граѓаните до 10 јануари 2024 преку креираната веб-страница на проектот (idninadoma.mk) ќе можат да предложат некого што познаваат за кој сметаат дека заслужува да се најде на листата „локален херој, инспиративен едукатор, иновативен претприемач или страстен активист…“.

Во своите поздравни обраќања, претседателот на државата Стево Пендаровски и директорот на ТИРЗ Јован Деспотовски истакнаа дека целта на проектот е да ги инспирира и охрабри сегашните и идните млади напорно да работат дома и да придонесуваат позитивно за општеството, да покажат и мотивираат со пример дека иднината може да почнува дома.

Пендаровски порача дека младите и се потребни на државата, но дека и државата и реалниот сектор мора да им овозможат најдобри услови за нивните кариери навистина да ги градат тука. 

-Ако вашата иднина ја градите тука, тоа ќе биде важно за државата, за локалната заедница од која сте дел, но и за вашите родители и најблиски. Да бидам искрен, тоа е и моја надеж како родител. Го охрабрувам секој од вас да биде активен учесник во оваа иницијатива, прифатете ја можноста да бидете двигатели на промените, да придонесете за напредокот на земјата и самите да ја обликувате сопствената иднина, рече Пендаровски. 

Во време на неверојатен технолошки развој во светот, нагласи тој, промените се единствената константа, „а потребна е храброст да се прифатат новите концепти и макотрпна работа тие да се имплементираат“.

-Потребен е поинаков, т.н. out of the box пристап, и исто така дистанцирање од нашето секојдневие кое е преполно со дефетизам и со дневна политика. Ако зборуваме реално, од младите не очекуваме ништо помалку од решителност и пркос кој треба да го демонстрирате секојдневно како контраст на општествената апатија, ендемската корупција и клиентелизмот како лоши симболи на нашето општество, рече шефот на државата.

Директорот на ТИРЗ, Јован Деспотовски истакна дека целта на кампањата не е да се зборува за политика, институции и процеси, туку младите да зборуваат за проекти.

-Овие 32 коишто зборуваат се само дел од една сериозна критична маса која постои во општеството и им благодарам што се нафатија да бидат дел од оваа кампања која почнува денеска и нема да има крај. Ќе трае се додека не ја оствариме целта, а тоа е не кога ќе го запреме трендот на иселување, туку ќе го вратиме и последниот човек кој се иселил од оваа држава, рече Деспотовски.

Очекува компании и институции да се вклучат во иницијативата за, како што рече, заеднички да ја реализираат целта –да се намали трендот на иселување и да се убедат младите луѓе дека иднината навистина почнува дома. 

На промоцијата се обратија и по еден претставник од номинираните од листите на Стопанската комора и на ТИРЗ – Андреја Серафимовски од АД Гранит Скопје и Николија Златевска, ученичка во средното училиште „Васил Антевски-Дрен“ во Скопје. 

-Оваа номинација ми дава надеж дека нешто кај нас и вреди и дека треба да се грижиш и да постигнеш и некој да ти даде признание без тоа да го бараш, а тоа е ретка можност. Вреди да се трудиш и вреди да останеш во нашата земја, рече Серафимовски. 

Средношколката Златевска се заблагодари за номинацијата за „двигател на промени“ и рече дека тоа за неа е голема одговорност. Како практикант во ТИРЗ истакна дека таа институција е катализатор на промени зашто и обезбедила средина што ја негува креативноста и поттикнува храбри идеи. хс/бак/

Фото: МИА

Остани поврзан