• сабота, 21 декември 2024

Иднината на Чави ќе остане нејасна уште една недела

Иднината на Чави ќе остане нејасна уште една недела

Барселона, 20 мај 2024 (МИА) - Тренерот на Барселона, Чави останува во темнина за неговата иднина во клубот, информира локалното издание „Мундо Депортиво“.

Каталонците вчера победија со 3:0 на домашен терен против Рајо Ваљекано и го обезбедија второто место во Ла Лига, што беше минимална цел за него и раководството. Менаџерот денеска не се појави во базата на клубот бидејќи им даде два дена одмор на своите играчи пред последниот натпревар од сезоната против Севиља следната недела.

„Мундо Депортиво“ прецизира дека дотогаш нема да има развој во врска со иднината на Чави. Тренерот и претседателот Жоан Лапорта се очекува следниот понеделник да одржат посебен состанок за да ги разјаснат своите позиции и да донесат конечна одлука дали легендарниот играч од средниот ред ќе остане на чело на тимот и следната кампања.

Чудната ситуација настана во последните десетина дена, откако светскиот шампион даде коментари за ситуацијата во тимот, што, според локалните медиуми, го налутило Лапорта.

Чави уште во јануари првично најави дека ќе си замине од Камп Ноу и на тоа мислење имаше до пред две недели, кога на прес-конференција заедно со Лапорта објави дека се предомислил и ќе остане. Потоа и претседателот прокоментира дека ова е најдоброто за иднината на тимот. Сепак, коментарите на Чави го налутија шефот, кој радикално ја смени својата позиција и сега е на мислење дека сака да се раздели со актуелниот тренер. дс

Фото: Архива

Остани поврзан