• сабота, 23 ноември 2024

Игор Јанушев именуван за Генерален секретар на Владата, Владимир Нелоски за шеф на Канцеларијата на премиерот

Игор Јанушев именуван за Генерален секретар на Владата, Владимир Нелоски за шеф на Канцеларијата на премиерот

Скопје, 28 јуни 2024 (МИА) – Владата на денешната прва седница го именува Игор Јанушев за Генерален секретар на Владата, за шеф на Канцеларијата на премиерот е назначен Владимир Нелоски, а негов заменик Саше Павлоски, додека Ивица Томовски е назначен за директор на Службата за општи и заеднички работи.

Јанушев, како што информираат од владината прес-служба, е дипломиран правник на Правниот факултет „Јустинијан Први“ – Скопје. Неговото претходно искуство вклучува работа како пратеник во Собранието, директор на ЈСП „Скопје” и раководител на Секторите за воздухопловство и за општи работи при Министерството за транспорт и врски. Како пратеник, Јанушев беше шеф на делегацијата во Парламентарното собрание на ОБСЕ и претседател на Комисијата за надзор над спроведување на мерките за следење на комуникациите.

Владимир Нелоски, се вели во владиното соопштение, има завршено на Економскиот факултет, воедно е магистер на Правниот факултет „Јустинијан први” од областа на корпоративното право. Тој е советник во Град Скопје. Бил претходно вработен во Агенцијата за електронски комуникации и има богато искуство во менаџирање со процеси и човечки ресурси.

Саше Павлоски завршил на Економскиот Факултет при УКИМ. Тој има повеќегодишно работно искуство во Владата на Република Северна Македонија и искуство од менаџерско работење и делување. Бил и член на Надзорен одбор на МЕПСО и претседател на Управниот одбор на Национален парк „Маврово”.

Ивица Томовски е назначен за директор на Службата за општи и заеднички работи. Тој има магистратура по менаџмент на човечки ресурси и долгогодишно професионално искуство во деловното работење, консалтинг услуги и менаџирање во приватниот сектор. Томовски е поранешен управител на ЕЛЕМ Турс и има стекнато обуки на повеќе интернационални школи за менаџмент на човечки ресурси. аа/бак/

Фото: Влада

Остани поврзан