• понеделник, 23 декември 2024

Ивановска: Неказнивоста и невладеење на правото во системот е причина за критичкиот извештај на ЕК

Ивановска: Неказнивоста и невладеење на правото во системот е причина за критичкиот извештај на ЕК

Тетово, 16 ноември 2023 (МИА) - Неказнивоста и невладеење на правото во системот е причина за критичкиот извештај на Европската комисија, а најмногу промени за да се смени ситуацијата според неа се потребни во правосудството, истакна претседателка на Државна комисија за спречување на корупција (ДКСК) Билјана Ивановска, по одржување на предавање за борбата против корупцијата во ООУ „Гоце Делчев“ – Тетово и во ООУ „Перпарими“ во Речица, по барање на новинарите за нејзина оценка по извештајот на Европската комисија во однос на владеење на правото. 

- Тоа е извештај во кој ДКСК е позитивно оценета, односно нашата работа е позитивно оценета. Жал ми е што имаме таков извештај, но реално можам да кажам дека 99 отсто од препораките и констaтираните состојби што се ставени во извештајот ние веќе сме ги констатирале и сме дале препораки. Многу ни е мака што домашните институции не се почитуваат сами меѓу себе. Нашите препораки не се почитуваат, препораките од Државен завод за ревизија не се почитуваат. Јас не очекуваме дека можеме да чекориме напред доколку самите не се почитуваат. Ниту закони се почитуваат, ниту препораки, ниту луѓе меѓусебно. Прво што треба да се научиме да почитуваме, истакна Ивановска, по одржувањето на предавање во рамки на едукативната кампања „Бидете херои на чесноста“. 

На прашање од новинарите каде е најголемиот проблем за таков негативен извештај за справување со корупцијата и владеење на правото, таа го посочи правосудството.

- Правосудниот сектор ако е во ред сите друго брзо ќе се средат. Затоа што тој сектор треба да продуцира казнивост, а ние имаме најголем ризик од корупција покрај политичкото влијание е неказнивоста, односно невладеење на правото. Во отсуство на интегритет во тој сектор ни се случува тоа што го гледаме, рече Ивановска.

На прашањето дали ќе се отвори предмет за можна корупција, по обвинувањата од опозицијата за блиски луѓе до министерот за политички систем и Државната лотарија, Ивановска рече дека работите се во тек.

- Треба да се направи анализа во однос на Министерството за политички систем, па после да кажеме што би било понатаму. Најконкретен одговор не би можела да кажам. Имаме ние отворено предмет за министерот на министерството за политички систем но во тек се работат. Истраги за министерството за политички систем има и преку други предмети, ќе видиме колку ќе стигнеме пошто е крај на мандат, рече Ивановска. ас/цр/

Фото: МИА архива

Остани поврзан