• вторник, 11 март 2025

ЗСРСМ им честита на новоизбраните судии, очекува да бидат „чувари“ на правата и слободите на граѓаните и гарант на правната сигурност

ЗСРСМ им честита на новоизбраните судии, очекува да бидат „чувари“ на правата и слободите на граѓаните и гарант на правната сигурност

Скопје, 11 март 2025 

Здружение на судиите на Република Северна Македонија го честита изборот на новите судии, на вчерашната седница на Судскиот совет на РСМ, а кои ќе постапуваат во повеќе Основни судови во земјата.

Во секое демократско општество судиите се „чувари“ на Уставно загарантираните права и слободи на граѓаните и гарант на правната сигурност во една земја. Заради тоа Здружението ги охрабрува ново избраните судии да постапуваат независно, совесно и непристрасно, водејќи се од принципите на владеењето на правото и правичноста. Само со беспрекорна професионалност и чесност ќе ја заслужите довербата на граѓаните и ќе придонесете за унапредување на правосудниот систем.

Вашата професионална патека отсега носи голема одговорност, бидејќи Вие сте иднината на третата власт и само со личниот и професионален интегритет, имуни на сите општествени влијанија, транспарентни и видливи пред јавноста, можете да допринесете во зајакнувањето на довербата во правниот систем и зајакнувањето на демократските принципи.

Нека Вашиот судиски мандат биде воден од мудроста, правичноста и цврстата посветеност на Законот.

Воедно како Здружение го честитаме и потегот на членовите на Судскиот совет на РСМ, кои и покрај сите политички случувања, беа доследни и професионални во нивната работа и со изборот на нови судии го намалија недостигот на судии во системот кој во последните години макотрпно се справува со приливот на предмети и недостигот на стручен и професионален кадар. Со тоа дадоа и свој допринос во исполнување на роковите дадени од Европската комисија за унапредување на Судскиот систем, од кои реформи зависи и финансиската поддршка од ЕУ во износ од околу 800 милиони евра за земјата.

Здружението на судии на РСМ, упатува апел до ново избраните, но и до сите актуелни судии, дека само обединети, професионални и независни можеме да ги оствариме целите на дадената судиска заклетва, а тоа е да ги штитиме правата и слободите на граѓаните во чие име постапуваме и носиме пресуди. Заради тоа Здружението ги повикува ново избраните судии, да се приклучат на нашата организација и со нови идеи и препораки да допринесат во унапредување на соработката со Извршната и Законодавната власт, Меѓународните организации во земјата, невладиниот сектор, медиумите и академската заедница како клучни фактори во градење на јавното мислење и довербата на граѓаните во системот.

Здружение на судии на Република Северна Македонија

_____________________________________________________________________________________ 

МИА овие текстови ги објавува во интегрална и оригинална форма и не е одговорна за нивната содржина, ниту за евентуалните правописни недоследности или печатни грешки


Фото: МИА архива 

 

 

Остани поврзан