• петок, 22 ноември 2024

Зибери: Институциите не ги почитуваат во целост препораките на Народниот правобранител за соодветна и правична застапеност во јавниот сектор (ДПЛ)

Зибери: Институциите не ги почитуваат во целост препораките на Народниот правобранител за соодветна и правична застапеност во јавниот сектор (ДПЛ)

Скопје, 7 декември 2023 (МИА) - Народниот правобранител Насер Зибери денеска го претстави Посебниот извештај за следењето на примената на начелото на соодветна и правична застапеност во јавниот сектор и Посебниот извештај од анализата на податоците за полова и образовна застапеност за 2022 година.

-Констатација на Народниот правобранител е дека скоро сите помалубројни заедници се застапени со скоро идентичен процент на вработени како и изминатите години, што значи дека институциите не ги почитуваат во целост препораките на Народниот правобранител, а со тоа и не ги спроведуваат одобрените годишни планови за вработување во кои е изразена етничката застапеност и спроведување на уставното начело на соодветна и правична застапеност, рече Зибери.

За потребите на ова истражување, како што посочи, биле доставени барања до вкупно 1325 институции и органи, по кои за првпат оваа година, добиени се одговори од сите нив во електронска форма.

-Согледувајќи го табеларниот приказ на вкупниот број на вработени лица  во јавниот сектор, може да се заклучи дека во 2022 година, постои намалување  на бројот на вработени лица и на збирно ниво е намален за 3.722 лица во споредба со минатата година, кога вкупниот број на вработени лица  изнесувал 134.099 лица, додека сега тој број е 130.377 лица, соопшти Зибери.

Во однос на минатата година, Зибери рече оваа година на збирно ниво забележано е намалување на бројот на вработени од македонската заедница за 0,9  проценти, кога таа била застапена со 71,9 отсто, додека пак, кај албанската заедница во 2022 година забележано е зголемување на бројот на вработени во јавниот сектор за 0,8 проценти, за разлика од минатата година кога таа била застапена со 20,6 отсто од вкупниот број на  вработени.

Зибери рече албанската заедница денес е застапена со 21,4 отсто, додека пак, турската заедница бележи пораст од 0,1 проценти во вкупниот број на вработени во јавната администрација, за разлика од минатата година кога нивниот број бил 2,0 проценти,  денес е 2,1 проценти.

-Посебно сакам да истакнам загриженост за неспроведување на оваа уставна и законска обврска во здравствениот сектор, односно 17 проценти Албанци, само 1,5 проценти Турци, 1 процент Роми и 0,6 проценти Власи, истакна Зибери.

Додаде дека минатогодишните констатации за неповолната состојба и оваа година остануваат за Уставен суд, Кривичен суд, Апелационен суд Скопје, Основното јавно обвинителство Скопје, Академијата за судии и јавни обвинители, МАНУ, музеите, Службата за општи и заеднички работи, Акционерското друштво за стопанисување со станбен и деловен простор, МЕПСО, Агенцијата за филм, Агенцијата за администрација, Агенцијата за енергетика, како и Националната агенција за европско образование.

Што се однесува до прибраните податоци за полова и образовна застапеност, Зибери рече дека од вкупно 130.377 вработени лица во јавниот сектор, 66.303 се мажи, односно 50,85 отсто, додека 64.074 се жени или 49,15 отсто. 

Претходно направениот извештај за 2021 година, Зибери вели покажал дека од вкупно 134.099 вработени во испитаните јавни субјекти, 69.014 се мажи, односно 51,46 отсто,  додека пак, 65.085 се жени или 48,54 отсто. 

-Ваквиот приказ на состојбите значи мал напредок во остварување на половата еднаквост меѓу жените и мажите, што во проценти искажано е зголемување за 0,61 проценти за разлика од 2021 година, кога жените беа застапени со 48,54 проценти, рече Зибери.

Во однос на избраните и именуваните лица, Зибери посочи дека застапеноста на женскиот пол во институциите е 43,10 отсто, додека машкиот пол е застапен со 56,90 отсто. 

-Оваа година малку е подобрен соодносот кај нераководните работни места, каде што  застапеноста на женскиот пол изнесува 58.677, односно 49,34 отсто, додека застапеноста на  машкиот пол изнесува 60.255 или 50,66 отсто, соопшти Зибери. 

И покрај оваа констатирана состојба, Зибери потенцираше дека заклучокот е дека помал е бројот на вработени жени во однос на мажи, а нивниот број е помал и на раководни работни места. 

Единствено поголем е бројот на жените со високо образование во јавниот сектор во однос на мажите, но сепак како што рече Зибери, мажите се побројни во однос на жените како избрани и именувани лица, но и на раководните работни места. ра/бак/

Фото: МИА

Остани поврзан