• недела, 22 декември 2024

Земјоделците од селото Крупиште бараат да се реши проблемот со наводнување од Хидросистемот „Брегалница

Земјоделците од селото Крупиште бараат да се реши проблемот со наводнување од Хидросистемот „Брегалница

Карбинци, 25 јули 2023 (МИА) - Оризопроизводители, но и земјоделците кои имаат ниви со пченка, детелина, градинарски култури денеска во селото Крупиште го искажаа својот револт и побараа надлежните да им го реши проблемот со наводнување од Хидросистемот „Брегалница“.

Претседателот на Месната заедница на Крупиште, Павле Георгиев вели дека пет дена немаат вода за наводнување, ниту пак да ги одржуваат оризовите ниви под вода. Посочи дека изминатиот период Овчеполскиот регион имаше проблеми, а сега пак тие. Проблемот не е во недостатокот на вода, туку во тоа што поради неодржување на системот, водата не стигнува до нивните ниви. Најмалку 500 хектари од оризот се суши, а зафатени се над 1000 хектари во кои се вклучени и други култури.

- Бараме под итно да дојдат од Водостопанство и да го решат проблемот. Вода има во Калиманци, а ние немаме. Овој проблем е секоја година сѐ потежок и потежок и веќе сме доведени до тој степен – земјоделците, оризарите да го остават оризот како култура, дека ќе исчезне. Имаме проблем со Водостопанство и водата им бега на сите страни, не можат да ја донесат до нивите. Друг проблем е што ние немаме комуникација со нив, вели Георгиев.

- Не можеме да произведеме храна за сопствената стока. Ако ова вака остане, ќе бидеме принудени и ние да фаќаме и ние некаде во странство. Тука вложивме голем капитал, годините си одат, а пари немаме. Произведувам детелина, пченка, луцерка, крави имам, со тоа се занимавам, истакна  земјоделецот Методи Ефремов од село Долни Балван.

Градоначалникот на Општина Карбинци, Виктор Паунов им даде поддршка на земјоделците. Земјоделците посочија дека ова е предупредувачки протест на кој бараат АД Водостопанство да преземе мерки. Доколку состојбата не се промени, ќе организираат поголем протест со блокада на магистрален пат. Директорот на Водостопанство „Брегалница“, Благојчо Богатинов за МИА вели дека земјоделците го немаат информирано за проблемот, но ги повика да дојдат и да разговараат. вдј/цр

 Фото: МИА 

Остани поврзан