• сабота, 06 јули 2024

Земјоделците од Куманово, Липково и Старо Нагоричане заинтересирани за петте повици за финансиска поддршка

Земјоделците од Куманово, Липково и Старо Нагоричане заинтересирани за петте повици за финансиска поддршка
Куманово, 28 април 2022 (МИА) - Земјоделците од Куманово, Липково и Старо Нагоричане, имаат интерес за аплицирање на петте повици за финансиска поддршка обезбедена преку програмата за рурален развој на Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој, соопштија денеска од регионалното одделение од Агенцијата за поттикнување на развојот на земјоделството од Куманово. Досега најголем интерес пројавиле земјоделците од селата од кумановско, но не мал ниту бројот на земјоделци од Липково и Старо Нагоричане. - Има повик за набавка на трактори 50/50 познат меѓу земјоделците, друг за жени земјоделки, трет за изградба на силоси, за финансиска поддршка на мандри и за производство на тутун. Имаме интерес за сите повици, меѓутоа најмногу за трактори, тоа е пракса од претходно. Имаме фарми со несилки, тие се заинтересирани за изградба на силоси за концентрати за несилките. Оние кои имаат фарми со молзници кои исто така сакаат изградба на силоси, изјави, раководителот на одделението, Џабир Рамадани. Преку јавниот повик за рурална жена, ќе се поддржат жените кои се носители на своите земјоделски стопанства се поддржуваат инвестиции во набавка на опрема за преработка. Оваа поддршка подразбира доделување неповратни финансиски средства во висина од сто проценти од инвестицијата. - Имаме интерес и од жените земјоделки. Знаете дека кај нас луѓето трчаат последните денови и апелирам навреме да се заинтересираат и да аплицираат. Процедурата е значително поедноставена за сите повици. Потребно е решение со ажурирани податоци од регистарот на земјоделски стопанства, профактура од понудувач за соодветната опрема. Тука сме за техничка, советодавна поддршка, изработка на бизнис план и апликација во електронска форма, изјави Рамадани. За апликантите кои ќе се јават на јавниот повик за набавка на трактори се предвидени три и пол милиони денари по корисник. Исплатата на средствата се врши по целосна реализација на инвестицијата согласно условите и критериумите за финансиска поддршка. Финансиската поддршка се исплаќа по принцип на кофинансирање кое се движи од 50 до 75 отсто во зависност од возраста и подрачјето на апликантот. Со ист распон на финансиска поддршка, можат да добијат и производителите на житни култури кои во деловниот план ќе предвидат набавка на силоси за складирање на житни и индустриски зрнести култури со максимален капацитет од 25 тони. Максималната вредност на прифатливи трошоци е еден милион денари. Објавен е и повик за финансиска поддршка за инвестиции во мандри. Оваа поддршка може да ја искористат сите сточари кои имаат минимум 150 овци или минимум 50 кози. Максималната вредност на инвестицијата може да биде 600.000 денари од кои 50 до 75 отсто ќе се поддржат од Агенцијата. Со јавниот повик за набавка на опрема за производствен тутун ќе се поддржат производителите на тутун со запишани производни капацитети во единствениот регистар на земјоделски стопанства. Максималната поддршка е во висина од четири и пол милиони денари кои ќе бидат ко-финансирани од Агенцијата во висина од 50 до 75 проценти. ам/цр

Остани поврзан