Зеленски: Украина ноќеска беше нападната со 117 руски дронови, гаѓани беа градови и инфраструктура
- Украинскиот претседател Володимир Зеленски изјави дека 117 руски беспилотни летала ја нападнале земјата синоќа, гаѓани биле градовите и инфраструктурата.

Киев, 26 март 2025 (МИА) - Украинскиот претседател Володимир Зеленски изјави дека 117 руски беспилотни летала ја нападнале земјата синоќа, гаѓани биле градовите и инфраструктурата.
Според него, повеќето од беспилотните летала биле од типот „Шахед“, а голем број од нив биле соборени од украинските одбранбени сили.
Зеленски објави на Икс дека во рускиот напад се погодени Дњепар, Суми, Черкаси и други региони. Најголемиот напад беше на Криви Рог, каде цел беа локални индустриски капацитети и цивилна инфраструктура.
Во Охтирка, во Сумската област, оштетени се куќи, продавници и други објекти. Напади се регистрирани и во регионите Доњецк, Харков и Запорожје.
„Неопходен е јасен притисок и силна акција од светот кон Русија - поголем притисок и санкции, особено од САД, за да се запрат руските напади“, напиша Зеленски.
Тој рече дека ваквите напади по преговорите за примирје се јасен сигнал за целиот свет дека Москва нема намера да бара вистински мир.
„Од 11 март постои американска иницијатива за целосно примирје, целосен прекин на нападите. Меѓутоа, Русија преку своите напади секоја вечер буквално испраќа порака „не“ на мирната иницијатива на нашите партнери“, изјави украинскиот претседател. рп/
Фото: МИА архива