• недела, 22 декември 2024

Зелените коридори стануваат реалност на премините меѓу ЦЕФТА страните и ЕУ

Зелените коридори стануваат реалност на премините меѓу ЦЕФТА страните и ЕУ
Скопје, 7 јули 2022 (МИА) - Иницијативата за зелени коридори/ленти на транспортната заедница ЦЕФТА од сега е во функција на премините меѓу ЦЕФТА страните и ЕУ, благодарение на SEED+, Системот за електронска размена на податоци, кој е оперативен во ЦЕФТА. Гувернерот на независната управа за јавни приходи на Грција Џорџ Ј. Пицилис и директорката на Царинската управа на Северна Македонија Славица Кутиров, го потпишаа Меморандумот за разбирање за електронска размена на податоци меѓу царинските администрации на Форумот за поврзување во Солун, организиран од Министерството за надворешни работи на Грција/Генералниот секретаријат за меѓународни економски прашања. Потпишувањето на Меморандумот, како што информираат, е важна пресвртница имајќи предвид дека оваа соработка служи како основа за целиот иден транспорт и трговија од ЦЕФТА страните до Грција. Оваа соработка, исто така,  отвора можности за понатамошно проширување на иницијативата ЦЕФТА-ТЦТ Зелени коридори кон земјите-членки на ЕУ. SEED има клучна улога во спроведувањето на ЦЕФТА-ТЦТ Зелени коридори/ленти, па токму затоа царинските органи ќе разменуваат податоци користејќи ја платформата SEED. SEED се спроведува од 2010 година, а подоцна истата е надградена во SEED+ подобрувајќи го  управувањето со премините во Западен Балкан, ефикасноста, но и поедноставување на процедурите. Меморандумот потпишан меѓу Грција и Северна Македонија целосно ја разгледува важноста на царинските давачки и другите даноци кои се применуваат при трговијата на стоки, ја препознава потребата за прекугранична соработка и ги зема предвид целите на Регионалниот акционен план за заеднички пазар. Гувернерот на независната управа за јавни приходи на Грција Пицилис, рече дека иницијативата Зелени коридори има значителна додадена вредност, не само за пошироката трговска и транспортна интеграција на ЦЕФТА страните со соседните земји на ЕУ, туку и за царинската соработка. -Царинските служби на Независната управа за јавни приходи на Република Грција (IAPR) учествуваат во спроведувањето на иницијативата - Зелени коридори. Преку Меморандумот за разбирање со Северна Македонија за пилот електронска размена на податоци пред пристигнување на стоки на граничниот премин Евзони-Богородица, имаме за цел да ја продлабочиме царинската соработка со соседната земја, како во олеснување на трговијата, така и во намалување на шверцот. Работејќи со ЦЕФТА и Транспортната заедница, се стремиме кон дополнително зајакнување на царинската соработка, како и да ја прошириме соработката со другите соседни земји, со целосно почитување на царинското законодавство на ЕУ, порача Пицили. Генералната директорка на Царинската управа на Република Северна Македонија Кутиров, потпишувањето на билатерален Меморандум за разбирање за електронска размена на податоци, е акт во насока на формирање на првата зелена лента на патен граничен премин со земја-членка на ЕУ - Република Грција, користејќи ја платформата ЦЕФТА -SEED, со визија за нејзино проширување во иднина. - Оваа регионална активност, односно формирањето на Зелени коридори, за прв пат беше реализирана во април 2020 година во рамките на ЦЕФТА регионот, на самиот почеток на пандемијата. Денес, нашето позитивно искуство го прошируваме на Богородица - Евзони, како клучен граничен премин меѓу нашите две земји и на паневропскиот Коридор 10. Исто така, со нетрпение очекуваме да разговараме за можностите за проширување на оваа иницијатива со Република Бугарија, изјави Кутиров. Иницијативата за зелени коридори ЦЕФТА-ТЦТ се очекува да биде проширена со Италија на почетокот на септември, а се очекува истата да ја следат и другите земји-членки на ЕУ. Воспоставувањето на ЦЕФТА-ТЦТ зелени коридори/ленти во рамките на Западен Балкан за време на Ковид 19 се покажа како еден од најуспешните примери за регионална соработка. Форумот за поврзување во Солун ги собра претставниците на ЦЕФТА страните и соседните земји-членки на ЕУ за да ги истражат начините за ефективно спроведување на Економскиот и инвестицискиот план на ЕУ и промовирање на Иницијативата за зелени коридори/ленти ЦЕФТА-ТЦТ-ЕУ. аа/дма/

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан