• вторник, 05 ноември 2024

Здружението на дијабетичари Тетово алармира на недостиг на инсулин, Министерството вели недостига само еден тип

Здружението на дијабетичари Тетово алармира на недостиг на инсулин, Министерството вели недостига само еден тип

Тетово, 21 февруари 2023 (МИА) - Од Здружението на дијабетичари Тетово велат дека овој месец - февруари нивните членови се мачат да добијат инсулинска терапија.

Претставниците на Здружението тврдат дека дека во Инсулинската аптека при Клиничка болница во Тетово пристигнале само одредна бројка на инсулински пакети кои се потрошиле за неколку дена и сега нема доволно терапија цел месец за дијабетичарите.

-Овој месец немаме ни 10 отто од потребната терапија, на 10 февруари дојдоа неколку кутии со пенкала, за неколку дена тоа се потроши, немаме ни ленти, ни ништо. Треба да се потпише нов анекс-договор и да ни се набави потребниот лек. Денеска сме 21-ви и се уште не можеме да ја добиеме редовната терапија од инсулинската аптека. На секои две години има тендери, но тие постојано доцнат и затоа имаме проблеми со редовната терапија. Овој месец јас немам ништо добиено, неколку пати сум бил во аптека од каде ми велат нема инсулин и дури немаме најава дека ќе добиеме. Не може вака да опстанеме. Пак се враќаме на стариот начин на решавање на овој проблем, се позајмуваме кој има некое пенкало во залиха му дава на некој друг пациент како позајмица, но и залихите сега веќе ни се потрошени. Не е тоа работа, треба да земаме редовна терапија, изјави Душко Игневски претседател на Здружение на дијабетичари Тетово.

За состојбата со набавка на инсулин побаравме одговор од Министерството за здравство од каде велат има недостиг само на еден тип инсулин. За обезбедување нови количини инсулинска терапија веќе има распишан јавен повик.

-Станува збор за само еден тип инсулин (од вкупно 26) од кој неодамна се потрошени количините, но за истиот инсулин има аналог на таа генерика, така што пациентите на инсулинска терапија се соодветно покриени со аналогот. Сите други типови инсулин се на располагање во доволни количини во инсулинските аптеки, соопштија од Министерство за здравство.

Дијабетичарите од Тетово образложуваат дека дијабетичарите ако не добијат соодветна терапија на време им се јавуваат и други здравствени проблеми за кои им се потребни дополнителни средства за лекување. Воедно се загрозува нивното здравје.

- Во Здружението на дијабетичари Тетово, секој ден пристигаат поплаки. Секој чува по едно пенкало или две, оти знаеме дека се доцни со терапијата, но сега веќе и тие се потрошени. Се работи за голем број пациенти кои си имаат мака и нивното здравје секојднево се нарушува. Ни се зголемива нивото на шеќерот кој што притиска на бубрезите, очите, на крвните садови, тешко е значи, мора редовна терапија да имаме, изјави Игневски.

Според него, овој лек го нема и во другите градови, а проценува дека има 44.000 пациенти кои се на инсулинска терапија. Само во Тетово се околу четири илјади. ас/дма/

Фото: МИА архива

Остани поврзан