Здравството да почне нормално да функционира, очекуваат граѓаните во 2025 година
- Здравството конечно да почне нормално да функционира, очекуваат граѓаните во 2025 година. Министерот за здравство Арбен Таравари во изјава дадена на крајот на минатата година, го оцени здравството со осмица. Годината што измина здравството го одбележаа неколку поголеми случаи како проблемите со компримиран воздух на комплекс клиниките „Мајка Тереза“, смртта на неколку бебиња на Детската клиника во Скопје и превирањата на Клиниката за токсикологија.
Скопје, 8 јануари 2025 (МИА) - Здравството конечно да почне нормално да функционира, очекуваат граѓаните во 2025 година. Министерот за здравство Арбен Таравари во изјава дадена на крајот на минатата година, го оцени здравството со осмица. Годината што измина здравството го одбележаа неколку поголеми случаи, како проблемите со компримиран воздух на комплекс клиниките „Мајка Тереза“, смртта на неколку бебиња на Детската клиника во Скопје и превирањата на Клиниката за токсикологија.
Непријатна миризба во операционите сали
Во мај, операционите сали на Клинички центар беа затворени поради непријатна миризба. За итни интервенции, пациентите се упатуваа во Универзитетската клиника за хируршки болести „Свети Наум Охридски“ и во Градската општа болница „8 Септември”. Компресорската станица, изградена пред околу 33 години, требалo да биде променета уште пред три години. Неработењето на оперативниот блок се сметаше за тежок удар врз Клиничкиот центар како столб на здравството.
- Рокот за набавка, монтажа и пуштање во работа на систем за компримиран воздух на комплекс клиники „Мајка Тереза“, изнесува четири месеци од денот на склучување на договорт и тој истекува на крајот на јануари. Во тек се активности што претходат за непречено поставување и инсталирање на системот за компримиран воздух, замена и монтажа на нов бакарен цевен развод, приклучни места, како и разводни ормани за компримиран воздух за снабдување на оперативниот блок, за да на крај се изврши монтирање на три нови компресори со сета потребна придружна опрема. Се преземаат сите активности, со цел навремено и во наведениот рок, целосно да се заврши набавката, монтажата и пуштањето во работа на системот за компримиран воздух, одговорија деновиве од Министерството за здравство, на прашање од МИА.
Се чини, стартот на проблемите беше во првата половина на април. Министерството за здравство тогаш информираше дека поради дефект на еден од компресорите, во тек на два дена бил одложен елективниот програм, а не итните случаи за операција на пациенти.
Не е точна информацијата за наводен колапс на Клинички центар, потенцираа тогаш од Министерството. Рекоа дека се проверуваат сите компресорски станици во Клинички центар и најавија брза промена на сите компресори што се дотраени. Во втората половина на мај, од Министерството потврдија дека хируршките сали во Клиничкиот центар повторно се враќаат во употреба, дека проблемот со компримираниот воздух бил надминат и сервисирањето било успешно завршено. Државниот санитарен и здравствен инспекторат изврши увид во хируршките сали, но од Инспекторатот, како што изјавија тогаш, не биле надлежни да постапуваат по ова прашање, па затоа го информирале министерот за здравство дека салите се затворени до решавање на проблемот. Беше изразена надеж дека само ден потоа салите ќе бидат отворени, доколку се открие каде лежи проблемот, каде е дефектот и од каде се шири непријатната миризба.
На почетокот од јуни, раководителот на Секторот за технички работи во „Заеднички служби“, Стојче Николовски рече дека компресорската станица во последните два месеца работела без прекин и дека надлежност на клиниките е да откријат од каде доаѓа лошата миризба. Тие биле надлежни само за техничкиот аспект на струја, вода, канализација, гасови и други области што ги покрива Секторот, додавајќи дека бил пристигнат претставник на германската фирма - сервисер, за да се направи уште едно вонредно испитување.
Николовски посочи дека сите клиники се опслужувале со два компресора и тие работеле без прекин. Во компресорската станица постоеле три компресори што работеле истовремено, но, поради дефект на едниот, од објективни причини, бил исклучен. Во дотогашните испитувања било утврдено дека е пожелно да се сменат компресорите.
Во јуни, хируршките клиники, од страна на Министерството за здравство, беа задолжени да организираат работа во две смени, сѐ со цел за да се продолжи периодот на интервенции во една сала, затоа што имале ограничен број на надворешни компресори што можеле да ги користат операционите сали. Било договорено, на пример, да работи една наместо две операциони сали, но, во две смени со што практично би го добивале речиси доволниот капацитет на хируршките сали. Беше договорено дека директорите треба да отпочнат постапка за итна набавка на надворешни компресори, со што реално би го надминале овој проблем, сѐ до конечно решавање на проблемот за снабдување со централен компримиран воздух. Беше кажано дека предметот е во Јавното обвинителство, со цел надлежните институции да проверат и да кажат каде е одговорноста. Во дел од клиниките потврдија дека по три недели технички проблем, започнале со елективна програма, најдено било привремено решение, со поставени компресори однадвор, но и мобилни компресори во сала.
Во јуни, Министерството за здравство информираше дека Владата на седница донела
заклучок за замена на опремата на централната компресорска станица со нова опрема, како и за дислокација на станицата. На први јули, беше соопштено дека полека се наоѓа решение за проблемот со хируршките сали на Клиничкиот центар, дека е објавен тендер за компресорите што не работат. Во средината на јули, беше поништена постапката за набавка, монтажа и пуштање во работа на систем за компромитиран воздух за операционите сали на хируршките клиники, бидејќи не пристигна ниту една понуда. Претставници на германска фирма беа во посета со цел да извршат испитување. При крајот на месецот имаше неофицијални информации дека е пронајдена мала концентрација на формалдехид во операционите сали, а во средината на август беше кажано дека операционите сали на Клинички центар функционираат, бидејќи надлежните нашле „бекап“, за да функционираат, до воведување нови компресори.
На Детската клиника неколку смртни случаи, побарана оставка од министерот за здравство
Освен проблемите со компримиран воздух на клиниките, годината што измина, меѓу другото, за жал, ја одбележаа и случаи со смртен исход на Детската клиника во Скопје.
Во октомври во Клиничкиот центар почина 14-месечно бебе. Директорот на Државниот санитарен и здравствен инспекторат, Кирил Лазов најави вонреден инспекциски надзор во здравствените установи каде починатотото бебе било претходно лекувано, со цел да се утврди вистинитоста за евентуални пропусти во лекувањето на Детската клиника и на Болницата за респираторни заболувања кај деца - „Козле“. Паралелно со вонредниот инспекциски надзор, беше формирана и комисија при Министерството за здравство за да го расчисти случајот. Од опозицискиот „Европски фронт“ побараа оставка од министерот Арбен Таравари. Подоцна беше кажано дека при направениот стручен надзор во Клиниката за детски болести и во Клиниката за респираторни болести кај децата - „Козле“, се констатирани одредени недостатоци и тоа од системски и технички аспект. Директорот на Универзитетската клиника за детски болести во Скопје, Реџеп Мемеди, донесе решение за времено отстранување на двајца здравствени работници - доктори специјалисти од здравствената установа, за кои се водеше дисциплинска постапка, до донесување на конечно решение во дисциплинската постапка.
Во ноември на Детската клиника почина петгодишно девојче откако било хоспитализирано со силна главоболка. По вонредниот инспециски надзор, Државниот здравствен и санитарен инспекторат излезе со информација дека се контатирани недоследности на Клиниката - во дежурната амбуланта дежураат лекари специјализанти, а недостатоци се констатирани и во однос на водењето на медицинската документација.
- Во ноќна смена во дежурна амбуланта, на Клиниката работат доктори специјализанти без времени факсимили за работа и доктори кои не исполнуваат услов постар специјализант. На Клиниката, од вкупно вработени 45 доктори специјалисти, дежураат само по тројца доктори, притоа ниту еден од нив не дежура во амбуланта на Клиниката, а прегледите во дежурна амбуланта се вршат од страна на специјализанти, кои издаваат медицинска документација во име на дежурните доктори специјалисти, а некогаш и документација и без потпис и печат, беше наведено меѓу другото во соопштението на Инспекторатот.
Директорот на Детската клиника, Реџеп Мемеди во изјава за медиумите рече дека се водело кампања против Клиниката и лично против него, иницирана, како што рече, од поединци кои имале лични интереси и болна намера за власт и позиција, преку злоупотреба на детски судбини.
- Меѓу другото, имаше тенденција да се прикаже дека за време на моето директорување, има голема стапка на смртност на Детската клиника, но, фактите го говорат спротивното, рече Мемеди на прес-конференција.
Државниот санитарен и здравствен инспекторат изврши уште еден вонреден инспекциски надзор во врска со случајот со починато седуммесечно бебе. Директорот на клиниката тврдепе дека немало лекарска грешка. На 19 декември, Државниот санитарен и здравствен инспекторат предложи Министерството за здравство да покрене постапка за стручен надзор над лекувањето на бебето.
Токсично на Токсикологија
Непријатната миризба во операционите сали, информациите за присуство на формалдехид, смртта на бебиња, не беа единствените лоши работи што ја одбележаа 2024 година во здравството. Имаше препукувања околу вработувања, аларми за потреба од соодветен кадар, одења на работа без договор за вработување, обвинувања по различни основи, разрешувања и реакции..... Во декември, 30 доктори се потпишаа на барање за итно разрешување на директорката на „Козле“. Таа пак рече дека постојано се ширеле и пласирале лаги, не само за неа, туку за целиот здравствен персонал во болницата. Притоа истакна дека работи по закон и дека најлошо во целата ситуација е, што, како што нагласи, дека политиката влегла на мали врати во болницата.
На Токсикологија беше „токсично“ откако во јавноста почнаа да излегуваат на површина проблемите на Клиниката. Лекарите во Клиниката алармираа за хаосот што се случувал, особено, како што рекоа, откако била назначена економската директорка. Беше кажано дека за шест години се смениле пет директори, дека меѓу лицата за кои се барало да се вработат со договор на дело, имало и болничар кој вршел притисок врз лаборант да замени урина со наркотици, со чиста урина.
На Токсикологија имаше и хаварија со парното греење поради што беа поплавени дел од просториите. Случувањата на оваа Клиника завршија со разрешувањето на тогашната економска директорка Бесија Иљази и назначувањето на сегашниот директор Антон Чибишев.
Негативните состојби во македонското здравство беа нотирани и во Извештајот на Европската комисија.
- Нема ефективни критериуми за означување цени на здравствени услуги или лекови. Процедурите за лекување во странство не се ниту транспарентни, ниту објективни. Трошоците за здравство од сопствен џеб се високи, што е бариера за еднаков пристап до здравството, се само дел од состојбите во државава, констатирани во Извештајот на Европската комисија за нејзиниот напредок во 2024 година.
Иако, примарното здравство во Северна Македонија е бесплатно, Европската комисија наведува дека неговото финансирање е значително под просекот на Европската Унија. Опсегот на здравствените услуги и нивната достапност, особено специјалистичките медицински услуги и нивната географска дистрибуција, според извештајот, се несоодветни.
Од Европската комисија потсетуваат дека медицинските работници продолжуваат да го напуштаат јавното здравство и одат во приватниот сектор или заминуваат во странство.
Блаже Дарудов
Фото: МИА архива