„Здрави корења, полни трпези“ - Фестивал на биодиверзитетот на 4 септември во Јавна соба
- Слоу Фуд Водно со поддршка од Слоу Фуд Македонија, в сабота по четврти пат го организира Фестивалот на биодиверзитетот – празник на автентичноста, локалното производство, здрави корења и полни софри.
Скопје, 2 октомври 2025 (МИА) - Слоу Фуд Водно со поддршка од Слоу Фуд Македонија, в сабота по четврти пат го организира Фестивалот на биодиверзитетот – празник на автентичноста, локалното производство, здрави корења и полни софри.
Организаторите најавуваат дека фестивалот што ќе се одржи во Public Room (Јавна соба) од 10 до 18 часот, ќе биде настан кога храната ќе раскажува приказни за зачувани сорти, за вредните раце што нежно ги негуваат, и за трпези кои се полнат со добра, чиста и правична храна.
- Овојпат, во фокусот ќе биде планинскиот чај, чиешто мирисно и лековито богатство ќе ни го открие Самет Абдули од Ростуше, Маврово – чувар на традицијата и раскажувач на билкарските тајни на планината. Бостание, нашата општествена градина, преку таботилница ќе воведе во светот на семенските топки – мал, но моќен начин Зачленет враќање на природата во нашите животи. За најмладите посетители, точно напладне, магијата ќе оживее преку Кристијан, магионичарот, кој со својот едукативен настап ќе покаже дека и храната може да биде вистинска магија. Артисан пекара Пан Пан ќе одржи работилница за кисело тесто, каде љубителите на автентичен леб ќе имаат можност да научат како да создадат свој, "жив леб", кој расте полека, но со душа, наведуваат организторите во најавата за фестивалот.
Целта и оваа година е поддршка за малите производители, кои ја чуваат традицијата, но чекорат со современите вредности и трендови.
На фестивалот ќе учествуваат над 25 Слоу Фуд производители од цела Македонија. Покрај храната, ќе има и музика– зад диџеј пултот ќе биде DJ Soul Case. Фестивалот се реализира со поддршка од Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство.
Фото: Слоу Фуд Македонија