Јовановиќ за МИА: „Киненова“ е резултат на макотрпна и долготрајна работа, поддршката не соодветствува со квалитетот
- Она што јавноста го гледа сите овие години во рамките на „Киненова“ е резултат на макотрпна и долготрајна работа од мал и посветен тим. Верувам дека квалитетот ќе биде валоризиран од страна на институциите, бидејќи даваме придонес во целата филмска дејност, во подигање на квалитетот на филмското образование, но и на промоцијата на македонскиот филм, вели во интервјуто за МИА директорот на Меѓународниот филмски фестивал „Киненова“, Небојша Јовановиќ.
Скопје, 1 ноември 2024 (МИА) – Она што јавноста го гледа сите овие години во рамките на „Киненова“ е резултат на макотрпна и долготрајна работа од мал и посветен тим. Верувам дека квалитетот ќе биде валоризиран од страна на институциите, бидејќи даваме придонес во целата филмска дејност, во подигање на квалитетот на филмското образование, но и на промоцијата на македонскиот филм, вели во интервјуто за МИА директорот на Меѓународниот филмски фестивал „Киненова“, Небојша Јовановиќ.
Фестивалот оваа година се одржа од 15 до 20 октомври. Официјалното отворање се случи со премиера на првиот македонски анимиран филм „Јон Вардар против Галаксијата“ на Гоце Цветановски, беа прикажани повеќе филмови во главната програма со интересни содржини, а јавноста можеше да се запознае и со творештвото на лауреатот Улрих Зајдл.
Јовановиќ за МИА појаснува дека „Киненова“ се етаблира како голем меѓународен филмски фестивал, но тој е дециден дека поддршката во изминатите години не соодветствува со димензијата и со квалитетот.
-„Киненова“ се етаблира како голем меѓународен филмски фестивал во Македонија, меѓутоа поддршката во изминатите години не соодветствува со димензијата и со квалитетот. Можам да кажам дека „Киненова“ финансиски е сериозно потценет изминатите години. Но, нашата работа доби силно признание преку многубројните гостувања во текот на изминатите години од значајни европски имиња, вели Јовановиќ.
Следната година „Киненова“ ќе го одбележува своето десетто издание. Јовановиќ во интервјуто за МИА најави дека во рамките на големиот јубилеј, ќе следува возбудливо издание, со големи промени и амбиции.
- Во однос на десеттото издание, сакам кратко да кажам дека следува навистина возбудливо издание, следуваат големи промени, имаме големи амбиции. Фестивалот ќе добие и дополнителни локации. Малку се наѕира програмата, јавноста може да очекува многу значајни имиња од светот на филмот и многу интересни содржини. Верувам дека ќе причиниме голема радост не само на филмофилите, туку на целата јавност, вели Јовановиќ за МИА.
Целото интервју на директорот на Меѓународниот филмски фестивал „Киненова“, Небојша Јовановиќ ќе биде објавено во текот на утрешниот ден.бт/са/
Фото: МИА