• понеделник, 23 декември 2024

Влезот на нови играчи на пазарот на платежни услуги е постепен и развоен процес, вели Вујчиќ за МИА

Влезот на нови играчи на пазарот на платежни услуги е постепен и развоен процес, вели Вујчиќ за МИА

Скопје, 25 март 2023 (МИА) - Влезот на новите играчи на платежни услуги треба да биде постепен, развоен процес. Тоа не е процес којшто се случува преку ноќ, туку процес за кој се потребни неколку години за да се развие, порачува гувренерот на Хрватската централна банка Борис Вујчиќ во интервјуто за МИА.

Тој посочува дека овој процес во Хрватска, каде веќе има околу 13 небанкарски институции за платен промет, траел од пет до шест години.

- Кога беше донесена таа директива во платниот систем во Европа и се отвори можноста за нови играчи да влезат како конкуренти на банките, што е добро, бидејќи ја зголемува конкурентноста на пазарот и се овозможуваат подобри услуги за потрошувачите, веднаш рековме дека тоа е добро, но дека не треба да очекуваме некакви нагли промени. За тоа е потребно прво пазарот да стане зрел, новите играчи да влезат на пазарот, да се адаптираат и да развијат деловни модели. И точно така и се случуваше во Хрватска. Тоа беше еден постепен, развоен процес и мислам дека на таков начин може да се спроведе и во Македонија, вели Вујчиќ.

Дел од овие финансиски институции, како што посочува Вујчиќ, веќе се излезени и на европскиот пазар каде успешно конкурираат. 

- Она што ние се обидуваме да направиме е да го разбереме нивниот деловен модел, да ги советуваме што има смисла како деловен модел и потоа ако сето тоа е успешно, ги лиценцираме и ги пуштаме на пазарот како дополнителна конкуренција што ја зголемува достапноста на услуги за потрошувачите и ги поевтинува дел од услугите за потрошувачите, појаснува Вујчиќ, споделувајќи ги искуствата што Хрватска ги има во оваа област.

Во земјава, со новиот Закон за платежни услуги и платни систем се отвори можноста на пазарот да се јават нови даватели на платежни услуги со што се очекува да се зголеми конкурентноста на пазарот што треба да придонесе кон збогатување на услугите и намалување на надоместоците што ги плаќаат граѓаните. 

Покрај банките, платежни услуги ќе може да даваат и штедилниците и специјализирани институции за платежни услуги кои ќе треба да добијат дозвола од Народната банка, а притоа да исполнат низа строги критериуми.

Вицегувернерката на Народната банка Емилија Нацевска, која е задолжена за овој процес, во неодамнешното интервју за МИА појасни дека граѓаните и фирмите ќе може да отвораат платежни сметки и кај овие нови финансиски институции, преку кои ќе вршат плаќања за различни потреби. 

- Паричните средства на граѓаните и компаниите кај платежните институции и институциите за електронски пари се за целите на извршување платежни трансакции и не претставуваат депозити, како што е случајот со средствата коишто ги чуваат кај банките и штедилниците коишто, согласно законските прописи, подлежат на обесштетување од страна на Фондот за осигурување на депозити во случај на стечај или ликвидација на депозитната институција. Од овие причини, а заради нивна заштита, платежните институции и институциите за електронски пари согласно новата регулаторна рамка ќе бидат должни да го издвојат износот на паричните средства на платежните сметки кај нив коишто граѓаните и фирмите не ги искористиле за извршување плаќања, на посебни сметки и притоа не смеат да ги мешаат со сопствените средства коишто ги користат за нивното редовно работење, појасни Нацевска. бак/ац/

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан