Грчката уметница и изведувачка Демири за МИА: Ми беше чест и задоволство да настапувам во Националната опера во Скопје
- Изведбата во Националната опера на Северна Македонија за мене е голема чест и задоволство и можност да ве запознаам како народ, истакнува во интервју за МИА грчката изведувачка и уметница Клеоники Демири, која во настапите во странство ја вбројува и нашата земја, а веќе се подготвува за третиот концерт во Скопје, во среда на 8 октомври по повод 100 години од раѓањето на Микис Теодоракис, што исто така ќе се одржи во Операта и балет.
Атина, 4 октомври 2025 (МИА)
Сања РИСТОВСКА – дописничка на МИА од Грција
- Изведбата во Националната опера на Северна Македонија за мене е голема чест и задоволство и можност да ве запознаам како народ, истакнува во интервју за МИА грчката изведувачка и уметница Клеоники Демири, која во настапите во странство ја вбројува и нашата земја, а веќе се подготвува за третиот концерт во Скопје, во среда на 8 октомври по повод 100 години од раѓањето на Микис Теодоракис, што исто така ќе се одржи во Операта и балет.
Клеоники Демири е уметница и интерпретаторка, која освен што маѓепсува со својот глас, со уникатен музички израз ги спојува традиционалните и медитеранските влијанија со грчкиот жанр „ентехно“, односно комбинацијата од уметничка и софистицирана музика.
Демири во Скопје настапуваше на крајот на март на концертот организиран од Грчката амбасада, додека пак следната среда се враќа во нашата земја за концертот посветен на еден од најголемите композитори на 20 век, како што самата го нарекува „светскиот Мики Теодоракис“, кој имал големо влијание и врз нејзиниот музички стил и кариера.
Во разговор со дописничката на МИА од Атина, грчката изведувачка ги пренесува впечатоците од концертот пред шест месеци, говори за стресот и агонијата пред излегувањето на сцената и срдечниот и позитивен прием од македонската публика, вели, истите чувства ги има и сега, посочува дека музиката нема граници и ги приближува народите, а со насмевка одговара позитивно на прашањето дали е отворена за соработка со уметници од кај нас.
Говори за грчката музичка сцена и популарноста на грчката музика во странство, за нејзиното искуство пред публика од различни земји, за комуникацијата и интеракцијата со присутните.
Паралелно, преку интервјуто за МИА, непосредно пред концертот ја упатува пораката што Микис Теодоракис ја пренесуваше низ светот: мир, пријателство, љубов и социјална правда.

Публиката во Скопје Ве запозна во март, преку концертот за одбележувањето на годишнината на националниот празник на Грција, а се враќате повторно со нов концерт, овој пат посветен на големиот Теодоракис. Но, пред да зборуваме за впечатоците од концертот и очекувањата од следниот, да Ве запознаеме подобро: која е Клеоники Демири?
- Со музиката започнав во мојот град во Лариса, кога имав 10-11 години. Што и да се обидував да направам, кој пат и да го отворав, музиката беше секогаш таму. Во некој момент сфатив дека не постои друга опција. Уште од мала знаев дека мојот глас има потенцијал, но, не знаев до каде можам да стигнам и што можам да постигнам. Студирав класично пеење. Дојдов во Атина во 2000, како член на хорот на ЕРТ. Продолжив со студиите овде.
Зошто токму класично пеење? Што е тоа што Ве привлече?
- Студирав и класично пијано, свирам пијано. И навистина бев импресионирана од операта, од изведувачите кои ги слушав во Лариса на нивните настапи во градот. Лариса има голема традиција со општинскиот конзерваториум, со хорови. Сето ова беше дел од нашиот живот. Од влијанието на мојот град, бев многу блиску до музиката и песната. Музиката и песната како сами да доаѓаа, како да ме бараа. На почетокот велев дека ќе станам професорка по музичко, потоа дека ќе студирам пијано, потоа размислував за нешто друго, но пеењето беше секогаш таму. Дојдов во Атина, полагав испити за хорот на државната телевизија ЕРТ, каде што сум член од 2000 година. Големо училиште, голема радост за она што го научив таму, голема инспирација.
Подоцна, паралелно со хорот во 2012-2013 година полека полека започнав и со лични настапи кои ги договарав самата. Во животот некогаш е потребно да ти се случи нешто „лошо“, за да дојде нешто подобро. Поводот беше затворањето на ЕРТ од 2013 до 2015 година. Претходно, имав многу малку индивидуална работа, но тогаш започнав поинтензивно да договарам настапи, постепено да договарам и во странство и што се вели, да си го остварувам мојот најголем сон, да ја пренесам грчката песна надвор од границите и успеав да одам во доста земји, за некој можеби се малку за некој многу, но за мене е голема бројка што ми дава поттик да продолжам и се надевам ќе успеам да одам и во други земји, да им ја претставам грчката музика.
Имате специфичен уметнички идентитет и израз – уникатен спој на карактеристичниот грчки музички жанр „ентехно“, односно софистицираната музика со традиционални елементи. Како се разви вашиот стил?
- Студирав класично пеење, но сепак, никогаш не бев стопроцентно посветена на класичната музика, бидејќи сум човек кој го интересираат многу работи и многу стилови и сфаќав дека можеби можам да изведувам и други нешта и да експериментирам. Секогаш ми се допаѓа да експериментирам со нови стилови, различни култури, па така освен грчкиот репертоар, што ми е омилен и големите грчки композитори, започнав да експериментирам со медитеранската музика, со песни од Латинска Америка, со нашите традиционални песни. Па така, на моите настапи започнав на некој начин да ги спојувам грчките песни со една песна од Мексико, една од Шпанија, песна од Италија, со една наша традиционална песна. Редот и распоредот на песните не беше очекуваниот. Не изведував само грчки песни, па потоа други, туку едноставно ги спојував. Ова беше многу големо задоволство за мене.
Како реагира публиката на овој спој на стилови?
- Кога слуша една грчка песна и веднаш потоа споена со звуци од Мексико, на пример, реакцијата е многу позитивна. Во Грција настапите ретко се само со грчка музика, тоа го правам кога сум во странство. Искуството од настапите е дека ова ѝ се допаѓа на публиката, не ѝ е досадно, се забавува. Им доаѓа како изненадување. Секогаш се водам од тоа како се чувствувам. Така ја оформувам и мојата програма.

Пред шест месеци, во март годинава настапивте во Скопје. Како дојде до тоа да одржите концерти и какви се вашите впечатоци и од самиот настап?
- Имам најдобри впечатоци. Тоа беше вторпат да настапувам во Скопје. Првиот пат беше во 2020 година и тогаш на покана на Грчката амбасада. Сега во март бев поканета од амбасадорката Софиа Филипиду. Би рекла дека изведбата во Националната опера на Северна Македонија за мене е голема чест и задоволство и можност да ве запознаам како народ.
Каква беше реакцијата на публиката и какви беа вашите чувства за време на концертот?
- Приемот од публиката беше навистина топол и пријателски. Стресот и неизвесноста што претходно ги имав, што е и нормално за нас, кусо пред настапот, на самиот почетокот веднаш штом излегов на сцената, ги снема уште од првите две песни бидејќи постоеше добар прием и срдечна клима што ги почувствував на сцената. Но, имавме и добра комуникација. Ова за мене беше и изненадување, но и големо задоволство.
Важна е оваа комуникацијата со публиката?
- Тоа е најважното. Не пејам за мене, пејам за луѓето. Она што е важно за мене е на настапот да сме заедно со публиката, со присутните. За мене најубаво би било да можам целата публика да ја повикам на сцена и заедно да пееме. Ова би било идеално за мене. Сите да бидеме заедно. Кога уметникот, пејачот, музичарот е свој и вистински на сцената, тоа е она што има непосреден одѕив кај публиката и кога навистина си искрен и свој на сцената, нема шанси публиката да не го прифати тоа како позитивно, а со тоа доаѓа и добрата комуникација.

Ви се има случено, кога настапувате во странство, каде што земјата и публиката ви се целосно непознати и да сте под стрес како ќе помине концертот и на крај целото тоа да биде едно пријатно изненадување? Можеби тоа беше случај во Скопје, како што споменавте претходно?
- Во Северна Македонија за мене беше многу големо изненадување што публиката беше многу срдечна уште од почетокот на репертоарот и чувствувам голема блискост, големо задоволство. Истото ми се случи и во Париз, имав голема неизвесност како ќе помине. Но, публиката и таму навистина беше многу срдечна, но на друг начин, бидејќи овде е Балкан и е поразлично. Но, ете и таму беше големо изненадување. Исто така, во Јордан, во Аман. И таму не знаев дека грчката музика им се допаѓа толку. Заклучокот е дека грчката музика има свои фанови и пријатели во странство.
Верувате дека музиката може да има улога на мост на културно зближување меѓу двата народа и дека „музиката не познава граници“?
- Да, музиката не познава граници, тоа добро го знаеме. Таа отсекогаш била, е и ќе биде мост за луѓето да се зближуваат, да танцуваат и пеат заедно. Народите се приближуваат преку музиката, подобро комуницираат. Всушност уметноста е комуникација, радост, утеха, надеж …
Музиката на Балканот има заеднички елементи, заеднички корени?
- Секако! Знаете ли колку пати сум слушнала песна од некоја балканска земја и сум ја почувствувала како „да сум дома“?

На 8 октомври „се враќате“ во Скопје за концертот по повод 100 години од раѓањето на Микис Теодоракис, еден од најголемите композитори на 20 век.
- Што да се каже за Микис Теодоракис. Микис Теодоракис е светски, глобален. Радоста и неизвесноста што ги чувствувам не може да се опишат. Со нетрпение го очекувам концертот. Иако при моите настапи е вклучен и Микис Теодоракис, сепак, одамна не сум имала концерт посветен само на Микис и затоа сум многу среќна. Секогаш го посакував тоа и сонував за ова. Знам дека душевно многу ми одговара. Можеби затоа што пораснав со „Аксион Ести“ и „Епитафиос“, уште од мала го слушав, бидејќи татко ми го слушаше, а јас подоцна го открив и „љубовниот“ Микис, неговите дела со емоционална, љубовна димензија што длабоко ме трогнаа и ме импресионираа, и еден голем временски период ги слушав само овие песни. Овие љубовни, емоционални песни се едно големо поглавје, кое публиката мислам дека не го знае многу.
Со оглед на тоа што е концерт посветен на Теодоракис, можеби стресот и агонијата се поголеми за вас?
- Двајца од тројцата мои соработници со кои ќе настапиме во Скопје имаат соработувано со Теодоракис и го имаат запознаено. Ахилеас Гуастор, пијанист, аранжер и композитор, Лефтерис Гривас кој е стар член на оркестарот на Микис, Димитрис Куфојоргос кој свири на бузуки и мандолина. Драго ми е што соработувам со овие луѓе, навистина имам среќа. И ме поддржуваат, но она што е многу важно ја сакаат музиката на Микис.
Сигурно ќе биде интересен концерт...
- Се надевам дека ќе ѝ се допадне на публиката. Би сакале и на други места да ја прошетаме музиката на Микис, да имаме и други покани со конкретниот репертоар. И секако одново да се сретнеме во Северна Македонија.

Би сакале да остварите уметничка соработка со некој уметник или изведувачи од соседната земја?
- Секако. Би ми било големо задоволство. Би било интересно. Ми давате идеи и ми доаѓаат некои песни… Секако. Секогаш ми се интересни вакви идеи!
Имавте низа успешни настапи во странство. Освен во Скопје, Ве запознаа во Тирана, Париз, Монтреал, Стокхолм, Брисел, Венеција итн. Колку е лесно или тешко да се изведува грчката музика во странство?
- За мене, тоа секогаш е нов предизвик! Мојот сон беше да ја пренесам грчката песна колку што можам подалеку. Успеав да посетам неколку земји и да имам уникатни искуства. Многупати бев трогната на сцената, гледајќи колку нашата музика допира до луѓето. Мојата цел е да успеам да патувам насекаде и да ги изведувам нашите песни. Посакувам да имам среќа да го постигнам ова.
Според вас, што е тоа што грчката музика ја прави толку препознатлива и омилена во странство?
- Нашите двајца големи композитори Микис Теодоракис и Манос Хаѕидакис напишаа песни и филмска музика што патуваше низ целиот свет. Ним им го должиме тоа. Кој не ја знае „Зорба“ на Микис и кој не ја знае „Децата од Пиреја“ на Хаѕидакис? Многу познати и важни гласови со меѓународни кариери, како што е Нана Мускури, на пример, ги направија грчките песни познати низ целиот свет. Но, она што ги карактеризира нашите песни е страста, душата и ритамот! Грчката музика е химна на животот. Нè повикува да го славиме животот. И тоа, секако, многу им се допаѓа на луѓето.

Кои се предизвиците со кои се соочува еден уметник во Грција?
- Постојат многу тешкотии. Многупати, многумина од нас се свои менаџери, сами си ја водиме кариерата. Ние самите си ги договараме настапите, се грижиме за сите детали. Нешто што е навистина заморно и трошиме многу енергија. Ако сакаме да издадеме албум, тоа најчесто е лична продукција, односно самите ја финансираме продукцијата и сами се обидуваме новите песни да ги доставиме до јавноста. Мора постојано да бидете будни и да обрнете внимание на сè за сè да оди добро. Токму она што го кажав, менаџери сме си на самите себе и ова се однесува на многу уметници во Грција. Не е лесно. Потребно е многу трпение и упорност. Работите многу често доаѓаат со доцнење, треба да имаш среќа за нешто да се случи набрзина. Но, кога ја постигнуваме нашата цел радоста е голема. Мислам дека ни требаат млади, паметни луѓе кои ја познаваат добрата грчка музика, да имаат соодветни студии за менаџери за да ѝ помогнат на професијата.
Како би ја карактеризирале современата грчка музичка сцена?
- Видете, имам слушнато неверојатни гласови, напишани се прекрасни песни што пошироката јавност не ги знае. Ова е нешто што би сакала да почне да се менува. Да слушаме, да бараме повеќе талентирани млади луѓе во земјата. Мислам дека, ова е мое мислење, некои се преценети, а други не го добиваат публицитетот што го заслужуваат. Би било добро ова да се промени.
Кои се вашите планови за блиска иднина? Подготвувате нешто ново?
- Поминав еден период на пауза и сега, освен концертот во Скопје, имаме други некои концерти и настапи што се организираат во моментов, но сè уште е рано да се соопштат. Имам и предлози за нови песни, нов видеоклип и соработки што доаѓаат. Но, овој период сум концентрирана на организација на одредени настапи.

За крај, во пресрет на вашиот нов настап во Скопје, дали имате некоја порака што би сакале да ја испратите до јавноста преку ова интервју за МИА?
- Микис Теодоракис говореше за светскиот мир, за пријателството меѓу народите, за борбите, за љубовта, за социјалната правда. Сè беше кажано преку неговите песни, преку неговата работа, преку својата музика. И ние би сакале оваа порака да ја пренесеме до јавноста со овој концерт посветен на стогодишнината од неговото раѓање. Мир во светот, љубов и социјална правда.
Фото: МИА/ Приватна архива Клеоники Демири