За прво патување во странство новиот канадски премиер Карни ги избра Париз и Лондон
- Целта на патувањето е „да ги зајакне нашите две најблиски и најдолготрајни економски и безбедносни партнерства и да ја потврди безбедноста и суверенитетот на канадскиот Арктик“, објави неговиот кабинет.

Отава, 16 март 2025 (МИА) - Новиот канадски премиер Марк Карни вчера најави дека неговите први патувања во странство по преземањето на функцијата ќе бидат во Франција и Обединетото Кралство, како и во арктичкиот регион Нунавут и дека ќе го зајакне суверенитетот и безбедноста на неговата земја.
Карни, кој во петокот положи премиерска заклетва, од денеска до вторник треба да престојува во Париз и Лондон, пред да замине за Нунавут, Канада.
Целта на патувањето е „да ги зајакне нашите две најблиски и најдолготрајни економски и безбедносни партнерства и да ја потврди безбедноста и суверенитетот на канадскиот Арктик“, објави неговиот кабинет.
Карни во Париз треба да се сретне со францускиот претседател Емануел Макрон за да разговара за зајакнување на економските, комерцијалните и одбранбените врски, како и за вештачката интелигенција.
Тој и британскиот премиер Кир Стармер во Лондон ќе разговараат за зајакнување на трансатлантската безбедност, растот на секторот за вештачка интелигенција, како и билатералните трговски и комерцијални односи меѓу двете земји.
Карни потоа треба да отпатува до Нунавут, ретко населена канадска територија која зафаќа повеќе од два милиона квадратни километри и го сочинува најголемиот дел од арктичкиот архипелаг на Канада.
– Канада е изградена на обединувањето на народите – домородни, Французи и Британци, рече Карни.
Посетата на Карни на Нунавут доаѓа во услови на загриженост поради реториката што доаѓа од Белата куќа откако американскиот претседател Доналд Трамп се врати на власт во јануари. Трамп со месеци зборува дека сака да ја преземе контролата врз Гренланд, кој е дел од Кралството Данска, и да го прошири американското влијание на Арктикот.
Трамп, исто така, со недели јавно размислува за приклучување на Канада како 51-ва американска држава. сд/
фото:МИА архива