• недела, 24 ноември 2024

За поднесените претставки околу уривањето на стадионот Касами дознал од јавноста, смета дека нема дискриминација и прекршување на законите

За поднесените претставки околу уривањето на стадионот Касами дознал од јавноста, смета дека нема дискриминација и прекршување на законите

Тетово, 20 мај 2024 (МИА) - Градоначалникот на Тетово, Биљал Касами вели дека знае од медиумите за претставките поднесени од граѓаните околу стадионот, но во Општина Тетово не стигнале документи од институциите.

За поднесената претставка за дискриминација кон Македонците кога имаше организирано манифестација за најава на градежните работи, Касами во еден подолг одговор рече и дека организацијата била моноетничка и дека не била направена дискриминација.

На прашањето дали согледува дека Општината направи дискриминација кон Македонците, одговори со „Не, во ниту еден случај“.

- Тоа беше јавен настан. Доколку би имало интерес и од Македонци да присуствуваат и во делот на организирање и во делот на присуство сигурно дека и нивните барања би биле почитувани. Во секој јавен настан јас во ниту еден момент не правам дискриминација, ги почитувам сите граѓани. Еве во овој денешен настан каде што има Македонци ученици, комуницираме и ги почитуваме и нивните потреби и барања. Таму беше едноставно организирањето од страна на публиката и на тифо групите на Шкендија и согласно тоа беше целото сценарио. Инаку кога би имало такво барање во следните фази сигурно ќе има и процедури за изградба, рече Касами.

На новинарска забелешка дека тоа не треба да биде по барање на граѓаните туку автоматски општината тоа треба да го прави за сите, Касами рече дека согласно публиката се прави организирањето.

- Ако нема граѓани кој би присуствувале и би побарале за да и тие бидат дел од тоа. Ние и во организирање на други активности, согласно публиката одиме со организирање. Каде што има и Албанци и Македонци одиме и албански и македонски заедно го организираме. Каде што има само Македонците одиме на македонски. Согласно барањата така и ние одговараме. Во следните фази на изградба доколку би имало барање да тоа биде на граѓанско ниво, на сите и би учествувале сите, сигурно ќе има и албанска и македонска музика. Имаме и такви примери на организирање на Културно лето, има и Албанци има и Македонци и се. Во други активности никого не дискриминираме. Но организацијата беше во тој правец моноетничка и така беше настапот. Инаку во следните фази доколку има барање и потреба да биде мултиетничка во служба на сите граѓани, ние сме подготвени да одговориме, истакна Касами.

Тој смета дека не направиле прекршување на законите околу тендерите.

- Општината нема таква информација. Ние ја слушнавме од јавноста. Ќе треба да се обратиме до Владата дали треба и што процедура треба, ако треба нешто посебно. Според нашиот правен сектор сме ги почитувале сите процедури на тендерирање и јавни процедури за да се изгради тој стадион. Ако требало нешто плус или ако треба нешто посебно сме подготвени тоа до крај, рече Касами.

На 12 април Општина Тетово организираше активност со цел презентација на новиот изглед на овој објект откако претходно беше распишан тендер за избор на фирма која ќе направи целосна реконструкција или изградба на нов објект. Покрај видео презентацијата на новиот изглед на стадионот имаше ревијален фудбалски натпревар и настап на музичари. Градоначалникот самиот изврши симболично уривање на дел од трибините.

Во текот на април постапка за дискриминација поведе Даријан Сотировски, жител на Тетово и директор на Комисијата за односи меѓу верските заедници и религиозни групи. Во мај тој побара Државното правобранителство да го штити државниот имот Градски стадион Тетово од Општина Тетово, која како траен корисник, нема сопственост и не смее да ја менува или располага стварта која ја користи. ас/аа/

Фото: МИА архива

Остани поврзан