• среда, 25 декември 2024

За мерката за пелетите ако предложат пратениците мислам дека Владата нема да биде против одложена примена

За мерката за пелетите ако предложат пратениците мислам дека Владата нема да биде против одложена примена

Скопје, 14 јули 2023 (МИА) -  Вицепремиерот за европски прашања фатмир Битиќи вели дека може да има отстапувања од Владата во однос на мерката за враќање на даночната стапка за промет на увозот на пелети и печки и котли на пелети ако тоа во овој временски период значи голем удар за граѓаните. 

Во гостување на ТВ Канал 5, прашан дали со оваа мерка се стимулира сите да се вратат на огревно дрво Битиќи рече дека ова е мерка што оди паралелно со сите движења, а доколку има предлог од пратениците Владата нема да биде против одложена примена.

-Не, огревното дрво е секако уште поскап и позагадувачки продукт. Ова е мерка која што оди паралелно со сите движења. Да, пелетите се поеколошки, но не се најеколошкиот производ којшто може да се искористи за загревање. Секако сметам дека решението, ова е предлог којшто е дојден од Министерство за животна средина  веројатно во истата форма во која што беше претходно дадено. Овде механизмот на пратениците за одредени амандмани, ако навистина има таква реакција, пратениците се најповикани да дадат свој предлог како тоа би требало  да изгледа. Јас мислам дека во Владата нема да има против на одложена примена дури да го прифати кој било предлог којшто евентуално пратениците би го дале, рече Битиќи. 

Како држава, дополни вицепремиерот, мораме да се свртиме кон навистина еколошки  начин на загревање.

-Се знае дека електричната енергија и гасот би биле најдобра и најпосакувана можност за загревање и особено таму каде што има организиран начин на загревање. За жал, бидејќи не се направени предусловите  наназад 33 години  да се користи масовно, има  вакви отстапки. Така што, јас лично сметам дека во однос на тоа може да има отстапувања од страна на Владата ако сметаме дека во овој временски  период тоа навистина ќе значи голем удар за граѓаните, посочи Битиќи.  

Со Предлог законот за измена и дополнување на Законот за данокот на додадена вредност, што го усвои  Владата на 11 јули, меѓу останатото се зголемува даночната стапка за прометот и увозот на пелети, печки на пелети и котли на пелети од повластена даночна  пет проценти на редовната стапка од 18 проценти.лв/фф/

 

Остани поврзан