• недела, 22 декември 2024

Зајкова: Гоце Делчев треба да нѐ обединува како народ, а не да нѐ дели

Зајкова: Гоце Делчев треба да нѐ обединува како народ, а не да нѐ дели

Скопје, 4 февруари 2023 (МИА) - Гоце Делчев како визионер, идеолог и најистакнат македонски револуционер, треба да нѐ обединува како народ, а не да нѐ дели. Да не дозволиме неговото дело да се валка со дневно-политички тензии, кои нѐ оддалечуваат од неговата кауза дека „светот е поле за културен натпревар меѓу народите", истакнува во писмена изјава претседателката на ЛДП, Моника Зајкова.

- Сепак светот денес не е ист со тој во кој живеел Делчев, а неговите идеали не се целосно остварени. Сведоци сме дека и модерниот свет не е имун на војни, конфликти, тензии и кризи од најразличен карактер, а полето за културен натпревар се стеснува и многу често станува арена на некултура, додава Зајкова.

Смета дека треба секојдневно да ја негуваме солидарноста и да ги живееме идеалите на Делчев, за да покажеме дека тие можат и денес да бидат еднакво актуелни и прогресивни, како и пред повеќе од еден век, а чествувањето на неговиот роденден да нѐ обединува во мислата, идејата и почитта на едни кон други.

- Делчев е револуционер чие дело се основа на најзначајните општочовечки концепти за слобода, правда и рамноправност. Роден е во Кукуш, но тој бил и учител во Ново Село, една од најстарите населби во Штип, кој имал важна улога во будењето на националната свест и инспиратор на државноста, додава Зајкова.

Порачува историјата да се остави настрана од дневната политика.

Во чест на 151 година од неговото раѓање денеска делегација на Либерално - демократската партија положи цвеќе на неговото вечно почивалиште во црквата „Свети Спас“ и во училиштето во кое предавал во Штип. бд/бак/

Остани поврзан