• петок, 17 мај 2024

Зајакнување на слободата на медиумите и безбедноста на новинарите се меѓу приоритетите на црногорската Влада

Зајакнување на слободата на медиумите и безбедноста на новинарите се меѓу приоритетите на црногорската Влада

Подгорица, 9 мај 2024 (МИА) – Зајакнување на слободата на медиумите и безбедноста на новинарите се меѓу приоритетите на Владата на Црна Гора, изјави црногорскиот министер за надворешни работи Филип Ивановиќ, кој се сретна со претставникот на Организацијата за безбедност и соработка во Европа (ОБСЕ) за слобода на медиумите, Тереза Рибеиро, пренесува РТЦГ.

Ивановиќ изрази задоволство од успешната соработка меѓу Црна Гора и ОБСЕ, оценувајќи ја како комплементарна на процесот на европски интеграции.

„Со осврт на важноста на медиумските реформи и што поскоро усвојување на три закони за медиуми, министерот потсети дека зајакнувањето на слободата на медиумите и безбедноста на новинарите се меѓу приоритетите на 44-та Влада на Црна Гора“, соопшти Министерството за надворешни работи во Подгорица.

Ивановиќ ја истакна важноста на медиумската писменост и довербата во медиумите, посочувајќи ја нераскинливата врска меѓу слободата на медиумите и медиумскиот интегритет.

„За време на состанокот се разговараше и за важноста на слободните и независни медиуми и правото на слободно изразување како основни слободи и чувари на демократските вредности, во контекст на јакнење на владеењето на правото и севкупниот демократски развој“, се наведува во соопштението. јт/

Фото: Влада на Црна Гора

Остани поврзан