• понеделник, 23 декември 2024

Затворени кујните во четири основни училишта во општина Карпош, девет деца се заразени со салмонела

Затворени кујните во четири основни училишта во општина Карпош, девет деца се заразени со салмонела

Скопје, 8 ноември 2023 (МИА) - Кујните во три училишта, заедно со магацинскиот простор во ООУ „Димо Хаџи Димов“ во општина Карпош се затворени откако се потврдени случаи на девет деца заразени со салмонела, информираат од Општина Карпош.

Во ООУ „Војдан Чернодрински“ се заразени три ученици, во „Владо Тасевски“ пет, а во „Јан Амос Коменски“ има еден ученик заразен од салмонела.

-Во ООУ "Војдан Чернодрински" од 180 ученици кои се хранат во училишната кујна (појадок и ручек), само кај 3 ученици од Центарот за јавно здравје има потврда дека имаат салмонела. Во ООУ "Јан Амос Коменски" од 350 ученици кои се хранат во училишната кујна (појадок и ручек), само кај 1 ученик е потврдено дека има салмонела. Во двете училишта станува збор за ученици од прво одделение. Во ООУ "Владо Тасевски" има потврдени 5 случаи од 1 до 4 одделение, од 350 деца кои примаат храна во училиште, информираат од Општина Карпош.

Оттаму посочуваат дека во петокот за појадок имало мекици без јајца, а за ручек спанаќ без месо со кисело млеко.

Во текот на вчерашниот и денешниот ден се земени брисеви од сите работни површини во сите основни училишта.

- Фирмата која врши снабдување со храна во сите основни училишта во Карпош сама побарала вонреден преглед. До добивањето на резултатите ќе бидат затворени кујните во овие три училишта, како и кујната во ООУ Димо Хаџи Димов каде што нема регистрирани случаи, но е сместен магацинот од каде се снабдуваат другите училишта, велат од Општина Карпош.

Резултатите се очекуваат најдоцна до сабота. сх/бак/

Фото: МИА Архива

Остани поврзан