• петок, 20 декември 2024

Заседание на Советот за општи работи на ЕУ 

Заседание на Советот за општи работи на ЕУ 

Брисел, 19 септември 2023 (МИА) – Министрите за надворешни работи и европски прашања на земјите членки на ЕУ денеска ќе одржат состанок во Брисел под претседателство на шефот на шпанска дипломатија Хозе Мануел Албарес Буено, чија земја е актуелен претседавач со ЕУ. 

Заседанието на Советот за општи работи на ЕУ ќе започне со работен појадок на министрите со украинската вицепремиерка за европски и евроатлантски прашања, Олха Стефанишина, на која главна тема се очекува да бидат случувањата во Украина и поддршката на Унијата за земјата. 

Работниот дел од Советот ќе започне со расправа по предлогот на Шпанија за прогласување на каталонскиот, баскискиот и галицискиот за службени јазици во ЕУ , по што е превидена дебата по Предлог-извештајот на Европската комисија за владеење на правото во членките на Унијата во 2023 година. 

Извештајот дава преглед на трендовите, конкретни предизвици и настани поврзани со владеењето на правото во членките на ЕУ, а вклучува и конкретни препораки и извештаи за напредокот во спроведувањето на препораките дадени минатата година. 

Клучни столбови на анализата се функционирањето на правните системи, пред од аспект на нивната независност, квалитет и ефикасност, потоа борбата против корупцијата, слободата на медиумите и плурализмот на изразување и институционални прашања поврзани со квалитетот и инклузивноста на националните законодавни процеси, улогата на уставните судови и независните органи, како на народните правобранители и институциите за човекови права и на улогата на граѓанските организации во заштитата на владеењето на правото. 

Министрите ќе расправаат и за нацрт-дневниот ред за Самитот на ЕУ предвиден за 26 и 27 октомври, а ќе разменат и мислења  за „писмото за намери“ на Еврокомисијата, кое ги содржи главните елементи за подготовката на нејзината  работна програма за 2024 година. сп/

Фото: МИА Архива

Остани поврзан