• понеделник, 23 декември 2024

Заседание на Воениот комитет на НАТО на ниво на началници на генералштабови 

Заседание на Воениот комитет на НАТО на ниво на началници на генералштабови 

Брисел, 16 мај 2024 (МИА) - Поддршката за Украина, имплементацијата на концептот за операции и на одбранбените планови, подготовките за јулскиот Самит на НАТО, како и прашања од стратешко значење за сојузниците, ќе бидат темите на денешното заседание на Воениот комитет на Алијансата на ниво на началници за генералштабови на земјите членки на Пактот во Брисел.  

Со заседанието ќе претседава претседателот на Воениот комитет, адмирал Роб Бауер, а на почетокот на собирот ќе се обрати и генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг, кој, според најавите, ќе се осврне на клучните приоритети и предизвици на Алијансата. 

Во рамките на првата сесија на заседанието, со која ќе претседава врховниот командант на сојузничките сили за трансформација, генерал Филип Лавињ, началниците ќе се фокусираат на имплементација на концептот за операции во повеќе домени и на Агендата за развој на војувањето, која го надополнува Планот за воената трансформација на НАТО за следните дваесет години.  

Предвидени се и поопсежни дискусии во врска со усогласувањето на операциите и планирањето на одбраната во рамките на Процесот на одбранбено планирање на НАТО. 

На посебна сесија, врховниот командант на Силите на НАТО во Европа, генерал Кристофер Каволи ќе ги информира началниците за напредокот постигнат во имплементацијата на плановите од Концептот за одвраќање и одбрана на евроатлантската област (ДДА), што беа усвоени на ланскиот Самит на Алијансата во Вилнус, а во рамки на подготовките за претстојната средба на врвот во Вашингтон.  

Во рамките на оваа сесија предвидено е да се одржат и дискусии за воената способност, интегрирана воздушна и ракетна одбрана, капацитетите на одбранбената индустрија и за општествената отпорност. 

Како дел од заседанието ќе се одржи и состанок на Советот НАТО-Украина на ниво на началници на генералштабови, на кој е предвидено присуството и на началникот на Генералштабот на украинските Вооружени сили. Советот ќе расправа за ситуацијата на теренот поврзана со руската агресија врз Украина, како и за поддршката на државата од страна на НАТО и неговите земји членки. сп/

Фото: МИА Архива

Остани поврзан