• петок, 22 ноември 2024

Во Општина Аеродром започна заловувањето на кучиња скитници

Во Општина Аеродром започна заловувањето на кучиња скитници

Скопје, 6 март 2023 (МИА) - На територија на Општина Аеродром денеска започна акцијата за заловување на бездомни кучиња, организирана од тимот на јавното претпријатие „Лајка“. Целта на акцијата е кучињата да поминат хуманитарниот третман.

Како што информираат од „Лајка“, со акцијата оваа недела ќе бидат опфатени селата Долно и Горно Лисиче, реонот на улицата „Тодор Чангов“ и населба Лисиче, а следната седмица таа ќе се спроведува во населбите Ново Лисиче, Јане Сандански, Стар Аеродром, Мичурин и Острово.

- Заловувачкиот тим ќе го залови секое бездомно куче што ќе го сретне
во овие реони, а кое го нема поминато хуманиот третман. Доколку граѓаните од гореспоменатите населби имаат бездомно куче кое сакаат да го посочат на тимовите, нека се јават на 02 256 5859 / 071 219 925 или нека пријават на info@lajka.com.mk, соопштуваат од „Лајка“.

Од Општината информираат дека Аеродром се соочува со најголем број на пријави за инциденти со каснувања од кучиња скитници.

- Токму минатата недела, беше објавена реакција во јавноста во која потенциравме дека Општината навремено и секој месец исплаќа 100.000 денари на јавното претпријатие, за што очекуваме сериозен и зголемен ангажман за решавање на ова прашање. Ги поддржуваме сите напори за зголемување на безбедноста на граѓаните во секојдневното живеење, како и хуманиот третман на кучињата скитници. Се надеваме дека оваа акција на ЈП „Лајка“ ќе вроди со плод и овој проблем ќе биде минато во најбрз можен рок, посочуваат од Општина Аеродром. свс/сх/

Фото: Лајка

Тагови

Остани поврзан