• четврток, 20 февруари 2025

Започнаа прелиминарните работи во Грција за изградбата на интерконекторот со Северна Македонија (ДПЛ)

Започнаа прелиминарните работи во Грција за изградбата на интерконекторот со Северна Македонија (ДПЛ)

Атина, 19 февруари 2025 (МИА) – Компанијата „Терна“ ги започна прелиминарните работи за грчкиот дел од интерконекторот за природен гас што ќе ги поврзе Грција и Северна Македонија, потврдуваат за дописничката на МИА од Атина, извори од грчката компанија.

Истите извори ги потврдуваат написите во грчките медиуми специјализирани за енергетски теми, како и денешниот текст на портал „Енерџи маг“ според кој „патувањето на новиот гасовод Грција – Северна Македонија започна, со оглед на тоа дека „Терна“ ги стартуваше моторите, започнувајќи ги прелиминарните работи за грчкиот дел од проектот“.

Компанијата „Терна“ пред четири месеци беше избрана за изведувач на грчкиот дел на интерконекторот, при што го презеде деталниот проект, набавката на материјали и изградбата на гасоводот Неа Месимврија – Евзони/Гевгелија.

„Енерџи маг“ пишува дека за конкретниот проект што е во надлежност на Националниот оператор за пренос на гас на Грција ДЕСФА, буџетот е ревидиран на 92 милиони. евра (од 67 милиони евра во претходната програма), а паралелно во тек е и тендерот за изградба на мерната станица, што е клучна за непречено функционирање на гасоводот.

Проектот, според грчките портали, се очекува да биде финализиран на пролет следната година, временски период поместен поради доцнењето од наша страна.

Министерката за енергетика, рударство и минерални суровини Сања Божиновска пред две седмици, по учеството на енергетски Самит во Грција и средбата со нејзиниот грчки колега Теодорос Скилакакас, во разговор за МИА, за интерконекторот објасни дека кај нас беше поништена постапката и беше покрената нова, а цената е за 12 милиони поевтина од минатиот пат.

- Што се однесува до на Номагас ги изврши сите проверки, ние од наша страна сѐ завршивме. Испратено е до Европската инвестициона банка и секој ден се очекува, деновиве за една недела максимум очекуваме потврда и да започнеме со потшишување на договорот за фирмата која е најуспешен економски оператор и да почнеме со изградба, затоа што се чека на нас, објасни министерката пред две седмици и посочи дека токму за интерконекторот разговарале со Скилакакис.

Гасоводот предвидено е да биде во должина од 123 километри, од кои 67 километри се на македонска територија, да се протега од Неа Месимвриа кон Неготино преку Гевгелија и да ги поврзува двата национални системи за пренос на природен гас а со цел да се диверзифицираат изворите на снабдување со природен гас во Северна Македонија.

Паралелно преку проектот, нашата земја ќе има можност да се снабдува и со природен гас и течен природен гас (ЛНГ) од грчките терминали во Ревитуса и Александруполи.

Почетниот капацитет ќе биде 1,5 милијарди кубни метри годишно, со можност за проширување до 3 милијарди кубни метри годишно, а се спроведени и студии со цел гасоводот да има соодветни спецификации за транспорт на зелен водород.

Со изградбата на интерконекторот, поради географската положба, нашата земја може да стане крстопат во регионот, со оглед на тоа што како што објасни Божиновска за МИА веќе постои конекцијата со Бугарија, се работи на онаа со Грција, а минатата година беше потпишан меморандум за соработка и со Србија, со што како што рече „работиме на тоа што значи дека низ нас ќе поминува транзитна рута и ќе се снабдува не само Србија, туку и Унгарија и Австрија“. ср/са/

Фото: МИА архива

Остани поврзан