• сабота, 27 јули 2024

Запознавање со светот на лицата со аутизам со помош на ВР технологија по повод Светскиот ден за подигнување на свесноста за аутизмот

Запознавање со светот на лицата со аутизам со помош на ВР технологија по повод Светскиот ден за подигнување на свесноста за аутизмот

Скопје, 2 април 2024 (МИА) – По повод Светскиот ден за подигнување на свесноста за аутизмот здружението „Сина светулка“ денеска во Ист Гејт Мол организираше едукативен настан, на кој со помош на ВР технологија луѓето имаа можност да видат како изгледа светот на лицата со аутизам.

Претседателката на здружението „Сина светулка“ Јасмина Трошанска, посочи дека целта на денешниот настан е да споделат практични стратегии за оние кои што живеат со лицата со аутизам, со визуелна поддршка им помогнат да станат поуспешни.

– Работиме на подобрување на квалитетот на лицата со нарушувања од спектарот на аутизам. Нашата цел е денеска да споделиме дел од нашите сознанија и одредени практични стратегии како луѓето кои што работат и живеат со децата и лицата со аутизам да им помогнат да бидат поуспешни со визуелна поддршка, да им овозможат полесно да ги разберат нештата што се случуваат, затоа што лицата со аутизам се визулни ученици, рече Трошанска.

Потенцираше дека перцепцијата на луѓето за лицата со аутизам најчесто е заснована на карактеристиките кои ги гледаат од надвор, истакнувајќи ја потребата од промена на генералното мислење. 

– Важи едно правило доколку децата не можат да учат на начинот на кој вообичаено се учи, потребно е да направиме нешто со цел да им овозможиме сите деца да учат. Потребно е да се направат многу мали промени, затоа што многу малку од луѓето ги познаваат децата со аутизам, најчесто ги познаваат нивните карактеристики онака како што ги гледаат од надвор, рече Трошанска.

Таа посочи дека има примери во светот каде што лицата со аутизам, што кај нас се сметаат за нискофункционални, таму работат и самостојно живеат користејќи алтернативни начини на комуникација.

– Има примери во светот каде што лица со аутизам, што кај нас се сметаат за нискофункционални и дека не можат да работат, таму работат самостојно живеат, комуницираат преку алтернативна комуникација, имаат комуникатори кои што зборуваат за нив, но за тоа се тренираат и учат од многу мали, затоа велам системот на образование треба од почеток да се промени, посочи Трошанска. ра/дма/

Фото: МИА

 

Остани поврзан