• сабота, 27 јули 2024

Заменик шеф на бугарската дипломатија: Договорот Белград-Приштина е основа на европската интеграција на Србија

Заменик шеф на бугарската дипломатија: Договорот Белград-Приштина е основа на европската интеграција на Србија

 

Белград, 20 мај 2024 (МИА)- Бугарија ќе продолжи да ја поддржува Србија на нејзиниот пат кон ЕУ, но за да стане членка мора да ги исполни условите, договорот со Косово е од клучно значење, како и усогласување со надворешната политика со ЕУ, јави дописникот на МИА од Белград.

-Знам дека е тешка тема, но постигнувањето навистина обврзувачки договор меѓу Србија и Косово е од најголема важност. Тоа не е лесно и ние сме подготвени да ве поддржиме на секој начин да постигнете договор бидејќи тоа е основата на вашата европска интеграција, изјави заменик министерот за надворешни работи на Бугарија, Иван Кондов за српските медиуми.

Членството на Србија во ЕУ, како и на целиот Западен Балкан е исто така важно за Бугарија, рече Кондов и нагласи дека проширувањето на ЕУ треба да се заснова на заслугите на секоја земја.

-Се надеваме дека Србија ќе може да го продолжи својот пат. За нас е важно што побрзо да се придвижите кон ЕУ бидејќи ние сме соседи и имаме многу заеднички работи, рече Кондов во разговор со група новинари од Србија кои ја посетија Бугарија како дел од проектот Пулс на Европа – медиумски посети на ЕУ.

За да се постигне ова, Србија мора да ги исполни барањата на ЕУ, од кои едно е усогласување со надворешната и безбедносната политика на Брисел, рече Кондов, додавајќи дека Бугарија верува дека Србија „може да вложи малку повеќе напори“ во овој поглед, како и во борбата против руската пропаганда.

-Руската пропаганда е доста силна на Балканот, се обидува да ги уништи врските меѓу земјите и создава хаос. Треба да бидеме заедно. Балканот е многу сложен регион, но во исто време верувам дека сето најлошо го оставивме во минатото, изјави Кондов.

об

Остани поврзан