• вторник, 26 ноември 2024

Заменик министерот за внатрешни работи на презентација на истражувачки проект на ОБСЕ „Перцепции, ставови и предизвици на младите во Република Северна Македонија“

Заменик министерот за внатрешни работи на презентација на истражувачки проект на ОБСЕ „Перцепции, ставови и предизвици на младите во Република Северна Македонија“

Скопје, 2 септември 2024 (МИА) - Потребата од вградување на младинска перспектива во процесите на креирање и донесување на политики е од фундаментално значење за зајакнување на демократијата и  поттикнување на активното граѓанство. Министерство за внатрешни работи, согласно делокругот на работите од својата надлежност, ги третира децата и младите како ранлива категорија во општеството и согласно тоа преку организациските единици презема мерки и активности за превенција и заштита, едукација и подигање на свеста за ризиците и опасностите на кои е изложена оваа категорија на популацијата.

Ова, меѓу другото, го истакнал заменик министерот за внатрешни работи Астрит Исени, во своето денешно обраќање во рамки на презентацијата на истражувањето за млади и безбедност насловено како „Перцепции, ставови и предизвици на младите во Република Северна Македонија“, што во изминатиот период било спроведено во организација на Мисијата на ОБСЕ во Скопје.

Осврнувајќи се на најчестите предизвици и закани на кои што е изложена младата популација денес, како што се насилството, булингот, сајбер нападите и други облици на криминал, соопштија од МВР, заменик министерот Исени во своето обраќање особено ги потенцирал програмските мерки и активности на МВР во поглед на раната детекција и превенција.

- Во рамките на системскиот пристап за решавање на врсничкото насилство во училиштата, во своите годишни програми и месечни планови за работа во МВР континуирано се планираат и спроведуваат превентивни мерки и проектни активности кои во соработка со Министерството за образование, но и со други институции, а преку училишните авторитети се реализираат во текот на учебната година. Овие активности ги третираат најактуелните безбедносни проблеми и ризици на кои можат да бидат изложени децата и  младите во своето секојдневно живеење, истакнал Исени.

Исени нагласил дека единствен начин за справување со сите негативни предизвици е повторно да се вратиме на изворните вредности на човекот и заеднички да се обидеме да ги заштитиме тие вредности преку заеднички одговор, пред сé преку преземање на понатамошни конкретни и координирани чекори.

- На комплексните закани мора да одговориме со комплексен пристап, преку градење и зголемување на непосредната соработка и довербата, преку меѓудржавен институционален пристап на стратешко, оперативно и тактичко ниво, рекол тој. 

На настанот биле претставени прелиминарните наоди, заклучоци и стратегиски препораки што произлегуваат од истражувањето. Поточно, истражувањето се фокусирало на перцепцијата на младите за безбедноста и сигурноста, учеството во формалните и неформалните мировни процеси, насилството меѓу младите, статусот на агендата за млади и безбедност на прашањата за спротивставување и спречување на насилниот екстремизам во земјата, и исклученоста и маргинализација на сите нивоа. цр/бак/

Фото: МВР

Остани поврзан