• сабота, 23 ноември 2024

Заменик министерката за правда Аврамовска - Мадиќ присуствуваше на обуката ,,Ефективни практики за еколошка правда"

Заменик министерката за правда Аврамовска - Мадиќ присуствуваше на обуката ,,Ефективни практики за еколошка правда

Скопје, 3 октомври 2023 (МИА) - Заменик министерката за правда Викторија Аврамоска Мадиќ, денеска на покана на Центарот за еколошка демократија ФЛОРОЗОН присуствуваше на обуката „Ефективни практики за еколошка правда“, финансирана од ЕУ во рамките на проектот „Зелена претставка за еколошка правда“.

На обуката присуствуваа претседателот на ФЛОРОЗОН Кирил Ристовски, заменикот народен правобранител на РСМ Јован Андоновски, судии, јавни обвинители и претставници на домашната и меѓународната заедница.

Аврамоска Мадиќ во своето обраќање се осврна на зачестената присутност на еколошкиот криминал како глобален проблем кој мора да се решава на различни начини преку ефикасни правни механизми.

-Токму во овој процес на превенирање и решавање на проблемот се гледа најголемата корист од главниот европски инструмент за заштита на животната средина – Директивата на Европскиот парламент и на Советот (2008)  за заштита на животната средина преку кривичното право, каде клучно е барањето за криминализација на незаконско однесување што предизвикува или најверојатно ќе предизвика штета врз животната средина, вели Аврамоска Мадиќ.

Таа ги истакна правните позиции кои ги зазема нашата држава по основ на дејствувања на штета на животната средина, како и измените во Кривичниот законик поврзани со кривичните дела против животната средина, на кои Министерството работи подолго време.

Имено, со цел да се направи инкорпорирање на стандардите на ЕУ за животна средина, измените пропишуваат ново кривично дело во нашето законодавство „Екоцид“ – член 218-б, согласно кое тој што спротивно на закон, со намера да предизвика штета на животната средниа, ќе преземе дејствие или ќе пропушти да преземе дејствие поради кое ќе настане сериозна или широко распространета или долготрајна штета на животната средина, ќе се казни со казна затвор од најмалку 10 години. Во Законот за изменување и дополнување на КЗ се квантицифира и дејствието на извршување на загадување на одредено количество поголемо од максималното дозволено со закон или меѓународен договор со цел полесно докажување на прекршоците во тој дел.

Целта на обуката е да се унапредат капацитетите на различните општествени чинители за прашањата од областа на еколошкото право, кон што, заменик министерката ја истакна поддршката на Министерството за правда во подобрувањето на законската регулатива од оваа област и целокупните заложби на Владата во борбата за еколошка правда. дма/ац/

Фото: Министерство за правда

Остани поврзан