• понеделник, 18 ноември 2024

Законот на ЕУ за насилство врз жените го подели блокот 

Законот на ЕУ за насилство врз жените го подели блокот 

19 февруари 2024

ЕНР - Брисел

Земјите-членки на Европската Унија и Европскиот Парламент (ЕП) постигнаа договор за воведување на првиот закон на блокот за справување со насилството врз жените. Но, конечниот текст потфрли на еден клучен елемент: изнаоѓање единствена дефиниција за тоа што е силување. И покрај законодавните напори, насилството врз жените и семејното насилство сè уште се присутни низ Европа. 

По повеќе месеци на интензивни преговори, ЕУ постигна договор за свој закон за борба против насилството врз жените и девојчињата, сеопфатна директива која има за цел да ги усогласи правните дефиниции и минималните затворски казни за престапниците ширум ЕУ. 

Законот има за цел да ги заштити жените во 27-те земји-членки на ЕУ од родово базирано насилство, принудни бракови, осакатување женски гениталии и онлајн-насилство. Текстот криминализира онлајн демнење, онлајн насилството и поттикнување омраза или насилство низ Европската Унија. 

Европската комисија за прв пат го предложи овој сеопфатен закон на 8 март 2022 година, по повод одбележувањето на Меѓународниот ден на жената. 

Меѓутоа, законот не вклучува заедничка дефиниција за силување, што се покажа како најконтроверзна точка во преговорите. 

Главните преговарачи на ЕП, шведската европратеничка Евин Инџир од Групата на социјалисти и демократи (СД) и ирската европратеничка Франсис Фицџералд од Европската народна партија (ЕПП), на прес конференција во Стразбур го изразија своето незадоволство и надеж дека ова ќе биде „почеток, а не крај“ на законодавството за борба против насилство врз жените во ЕУ. 

Несогласувањата околу дефинирање на силувањето остави дамка на преговорите 

Чекорот за изнаоѓање заедничка дефиниција за силување, поттикнат од многумина, беше блокиран од неколку земји, предводени од Франција, Германија, Австрија и Холандија. Тие се оградија зад техничко-правни причини за тоа како треба да се усвои предлогот, тврдејќи дека силувањето не е „европско злосторство“. Други традиционално конзервативни земји како Полска, Унгарија, Малта, Чешка, Естонија, Бугарија и Словачка го зазедоа истиот став. 

ЕП и најмалку десетина земји на ЕУ, вклучувајќи ги Белгија, Грција, Италија и Шпанија сакаа дефиницијата за силување да се базира врз основа на отсуство на јасна согласност. Четворица шпански европратеници беа дел од преговарачкиот тим и тројца од нив гласно ја искажаа потребата да се усогласи европското законодавство со стандардите во земји како Шпанија. 

Државите кои се противат на дефинирање на силувањето во текстот тврдеа дека ЕУ нема надлежност во ова прашање. Критичарите тврдеа дека не постои правна основа за таква стандардизирана регулација во Европскиот закон. Притоа, соодветен член на тоа не беше изгласан. Германија и Франција веруваат дека ризикот од усвојување на таква дефиниција може да биде поништена од европскиот суд. 

Неподготвеноста да се договори заедничка дефиниција предизвика контроверзија во Франција, каде претседателот Емануел Макрон рече дека справувањето со насилството врз жените ќе биде приоритет за време на неговиот втор мандат. Макрон веќе се соочи со критики откако застана во одбрана на презумцијата на невиност во врска со францускиот актер Жерар Депардје, кој е обвинет за силување и сексуално вознемирување. 

Иако текстот не содржи дефиниција за силување, земјите-членки ќе имаат за цел подигање на свеста дека секс без согласност е кривично дело, изјави ЕП. Европската комисија (ЕК) ќе дава извештај на секои пет години за тоа дали правилата треба да се ажурираат, се додава. 

Следејќи ја Истанбулската конвенција 

Потпретседателка на Европската комисија Вера Јоурова во интервју со чешката новинска агенција ЦТК рече дека директивата на некој начин е замена за Истанбулската конвенција. 

„Никогаш не сме имале таква директива за насилство врз жените. Тоа е, исто така, реакција на фактот дека не сите ЕУ земји ја ратификуваа Истанбулската конвенција која со години ја сметам како заштита од насилство врз жените и семејно насилство,“ појасни таа. 

Притоа додаде дека не разбира зошто Чешка сè уште не ја ратификувала конвенцијата. „Жал ми е. Мислам дека алармистите и дезинформаторите го победија здравиот разум“ рече таа и додаде дека така Чешка се приклучува на групата земји „каде црквата има огромно влијание и би сакала да го врати општеството во 19 век“. 

Истанбулската конвенција го признава насилството врз жените како прекршок на човековите права и форма на дискриминација на жените, обврзувајќи ги земјите да преземат законодавни и други мерки за да обезбедат правна, институционална и организациска рамка за спречување на насилството врз жените, заштита на жртвите и казнување на сторителите. 

Други земји кои ја немаат ратификувано конвенцијата се Бугарија, Унгарија, Латвија, Литванија и Словачка. Додека, Босна и Херцеговина која не е членка на ЕУ ја ратификува во 2013 година. Според тоа, родово базираното насилство треба да биде казниво со закон. 

Насилството врз жените е сè уште присутно низ Европа 

И покрај ветувањата за спроведување на Истанбулската конвенција, изминатата година Босна и Херцеговина беше потресена од сè почестите убиства на жени. По последното убиство во северниот дел од земјата, илјадници граѓани одржаа мирен протест, а беше прогласен и ден на жалост. Меѓутоа, најгласна реакција во јавноста предизвика тројното убиство во август, кога сторителот ја уби својата сопруга во директен пренос на социјалните мрежи, а на друго видео тврдел дека убил уште две други лица. 

Во останатиот дел од Европа, насилството врз жените и семејното насилство сè уште се голем проблем. 

„Тоа е системски проблем, со длабоки корени во општествените структури и во многу случаи го одразува неуспехот на системот за заштита кој треба да се грижи за безбедноста и интегритетот на половина од населението во земјата,“ изјави Раиса Еначи, претседателка на Комитетот за еднакви можности на жените и мажите во Претставничкиот дом на Романија. 

Според последните податоци на Националниот завод на статистика на Словенија, жените се соочуваат со три пати поголем ризик да бидат жртви на интимно партнерско насилство отколку мажите. Тие исто така се под поголем ризик да бидат жртви на сериозни форми на насилство. Полицијата во Словенија годишно се справува со нешто повеќе од 1,000 кривични дела поврзани со семејно насилство. Повеќе од 90 отсто од сторителите се мажи, а жртвите се претежно жени и деца, според информации од телефонската линија за помош на СОС здружението за жени и деца жртви на насилство. 

Шефот на претставништвото на ЕК во Софија, Бојко Благоев, ги наведе податоците од Евростат, според кои 21 отсто од жените во Бугарија кои некогаш биле во врска биле жртви на интимно партнерско насилство во текот на нивниот живот. Во јануари, вицепремиерката Марија Габриел рече дека во 2023 година во Бугарија повеќе од 20 жени биле убиени од мажи. Бројот на регистрирани случаи на семејно насилство достигнал 1.400 жртви. 

Во септември минатата година, бугарската влада ја назначи Габриел за шеф на Националниот совет за спречување и заштита од семејно насилство, а членовите беа назначени на 7 февруари 2024 година. Советот вклучува министри, претставници на владини агенции, невладини организации и е фокусиран на спроведување владини политики за борба против семејното насилство. 

За да стапи во сила директивата н ЕУ за насилство врз жените, таа прво треба да е одобрена од министрите на земјите-членки и усвоена на пленарна седница на ЕП, но се очекува таа да помине без проблеми. Јоурова рече дека очекува директивата конечно да биде усвоена до крајот на април. 

Содржината е заснова на вести од агенциите кои учествуваат во ЕНР.

Фото: ЕНР/ДПА/ФЕНА

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан