• сабота, 23 ноември 2024

Заев до ЕУ: Променете го начинот на носење одлуки, европската идеја не смее да биде уценета од национализмот

Заев до ЕУ: Променете го начинот на носење одлуки, европската идеја не смее да биде уценета од национализмот
Струмица, 27 април 2022 (МИА) - Ја прашувам ЕУ од мојата европска Струмица, која се граничи со Грција и Бугарија, дали ваквиот начин на одлучување во Унијата, при што една земја членка блокира цел регион од крајно ирационални и националистички причини е механизам со кој се развива европската идеја. Ако не, а знам дека не е, тогаш променете го начинот на носењето на одлуките. ЕУ мора да дејствува во сопствена корист, во корист на европската идеја, која по дефиниција е либерална, отворена, широка. Европската идеја не смее да остане уценета од национализмот, не смее да дозволи национализмот да става вето врз слободата, порача поранешниот премиер Зоран Заев од конференцијата во Струмица насловена „Суверенитот и Европа“ што ја организираше Француската амбасада. Тој смета дека руската агресија врз Украина е причината зошто ЕУ мора да ги реши сите отворени прашања во регионот, особено нашето, македонско прашање. Како што рече, не постои оправдување за ниту една цивилна жртва во Украина, не постои оправдување за украинските деца, кои со огромна грижа бараат безбеден дом насекаде низ Европа, а нема да постои оправдување и доколку падне проектил врз спомен куќата на Крсте Петков Мисирков во Одеса Според него, ова е време кога лидерите на ЕУ треба да се одважат по овие прашања и да преземат политичко лидерство, онака како што го правеле тоа оновачите на ЕУ. -Треба да ни е јасно на сите доколку основачите на ЕУ калкулираа со сопствениоте рејтинзи во тоа време, тогаш ЕУ немаше ни да се создаде. Политичката храброст вреди, таа е носител на промените. Договорот од Преспа е доказ дека политичката храброст вреди, потенцираше екс премиерот Заев. Се осврна и на руско-украинската криза и притоа рече дека ЕУ треба да знае дека на православното население од Балканот не му е лесно да застане наспроти православниот руски народ. -Но, нашите народи се мудри, ние не застануваме наспроти рускиот народ, туку застануваат наспроти воената агресија на Путин врз суверенитетот на пријателска Украина. Северна Македонија направи многу за себе, но и многу за Европа. На Балканот и Европа им дадовме модели, цели, примери и успеси. Договорот од Преспа е нашиот влог во иднината на Европа. Ние сме подготвени да слушнеме, да прочитаме и да видиме и подобри примери од нашиот. Во меѓувреме, ја повикуваме Европа да го следи нашиот пример, подвлече Заев. Во пресрет на Денот на Европа и Денот на победата против фашизмот-9 Мај, рече дека тој ден може да биде употребен за пропаганда. -Бидете уверени дека 9 Мај годинава ќе биде употребен за пропаганда. Апелирам сите ние, секој од нас, да се држиме цврсто до нашите европски постулати. 9 Мај е нашата црвена слободарска база. На 9 мај Европа го порази фашизмот, на 9 мај, годинава, да останеме со кренати глави да не дозволиме агресијата да ни го земе 9 мај. ЕУ денес мора да направи храбри чекори, повика поранешниот претседател на Владата на Република Северна Македонија од Струмица. Амбасадорот на Франција во нашата држава, Сирил Бомгартнер, се осврна на спроведувањето на санкциите од ЕУ кон Русија, но и нивното влијание врз земјите кои ги спроведуваат санкциите. -Има и едно друго прашање во однос со недиректното интервенирање на европејците и целиот западен свет во украинскиот „театар“ и мислам дека сите знаат доколку одлучиме да го преземеме тој чекор ќе се најдеме во нешто што ќе биде многу поразорувачко од тоа што е денес. И затоа, прашањето воопштио не е едноставно, рече францускиот амбасадор. Информираше дека помошта за Украина досега е над 1,5 милијарди евра, а петте милиони бегалци од Украина се во Европа и таа им помага. Во однос на отворањето на пристапните преговори Бомгартнер смета дека сите се посветени на нивно што побрзо почнување, но за францското претседателство со ЕУ важни се и други прашања и затоа одлучиле да организираат повеќе конференции како денешната, која се одржува во Струмица, надвор од главниот град. Професорот Никола Дујовски, декан на Факултетот за безбедност-Скопје, во своето обраќање истакна дека е потребен нов европски пристап и оти сега е време кога лажните вести доминираат над вистината. -Северна Македонија е членка на НАТО и затоа сега многу помирно разговараме за овие прашања. Сега многу потрезвено ги прифаќаме информациите кои доаѓаат од Украина затоа што сме безбедни. Со нашите партнери разменуваме информации кои многу значат за сите безбедносни органи и можеме бргу да превенираме каква било дестабилизација. Ако не беше членството во НАТО ќе зборувавме на многу поинаков начин, ќе зборувавме од многу поинаков аспект, ќе се грижевме за нашите потреби за евроинтеграции, меѓутоа ќе зборувавме за земја која на некој начин е сама и заканите за нашата безбедност ќе беа многу поразлични, смета професорот Дујовски. На денешниот настан во Струмица говореа и Ив Бертончини, претседател на Европското движење во Франција, Милева Ѓуровска од Европското движење во Северна Македонија и Симонида Кацарска, директорка на Институт за европска политика – Скопје, а присутните ги поздрави и градоначалникот на Струмица, Костадин Костадинов. рт/вг/

Остани поврзан