• понеделник, 23 декември 2024

Заев: Арсовска е унгарски конзул и државјанин на Бугарија, очекувам да се повлече

Заев: Арсовска е унгарски конзул и државјанин на Бугарија, очекувам да се повлече
Скопје, 27 октомври 2021 (МИА) - Данела Арсовска се определила да биде почесен унгарски конзул, да биде мост меѓу Северна Македонија и Унгарија и да застапува друга држава, сега испаѓа дека е државјанин на трета држава. Тоа е сепак премногу, па уште се кандидира и за градоначалник. Во Скопје сепак се бира градоначалник, а не кмет, за тоа може да се кандидира во Бугарија. Ова изутринава го изјави премиерот и претседател на СДСМ Зоран Заев во гостувањето на „Утрински брифинг“. Тој кажа дека нема ништо лошо во тоа што Арсовска е бугарски државјанин, но дека е политички, етички и морално нечесно тоа што го крие тоа и се обидува да ги манипулира граѓаните. - Очекувам кандидатката за градоначалник на Скопје, Данела Арсовска да се повелече бидејќи не смее да го понижува народот до толку. Треба веднаш да се повлече ако малку го сака Скопје и скопјани. Ако таа сега вака нечесно се поставува, што ќе се случи доколку биде избрана, запраша Заев. Заев посочи дека не е лесен периодот и додаде дека поминале тешки периоди. Според него, во овие избори има испомешани чувства, чувства на одговорност, дека не е доволно, мора повеќе, има грижи за се, грижи за безбедноста на луѓето, за здравјето на луѓето... Прашан каде е главниот пропуст, Заев наведе дека се работи за „недоволно грижа комплетно од нас, кои треба да бидеме сервис кај граѓаните, и од централната и од локалната и власт. Веројатно доминантно локална власт зашто сега се локални избори“. Повика пред изборен вториот круг на мобилизација, на одговорност на граѓаните, на одговорност пред системот, одговорност кон себе, кон својот град, пред својата татковина, со масовно излегување на гласање. Во однос на очекувањата од вториот круг, Заев истакна дека очекува победа на СДСМ и Коалицијата и заради досегашните политики, но и заради поголемиот капацитет за коалицирање. -ВМРО-ДПМНЕ го достигна плафонот, нема повеќе апсорпционен капацитет заради нивните политики, нашите политики имаат огромен апсорпционен капацитет, прво заради проевропските успеси кои што се, вториот дел мултиетничкото општество, тука може да се искористи еден огромен потенцијал кој што остана дома, а треба да излезе на гласање и затоа ние го упатуваме повикот кон тие луѓе, излезете затоа што пропуштате и вие да бидете учесници во дефинирање на иднината на државата, посочи Заев. Осврнувајќи се на евроинтеграцијата и последниот извештај на ЕК за напредокот на земјата, Заев вели дека имаме добар извештајот во кој се нотирани слабостите кои треба да бидат отстранети. -  За мене тоа е мотивирачки и мора да биде мотивирачки и за мене и за администрацијата која работи на реформите за поголем успех во иднина, нагласи Заев. Според него, целта е европеизација дома и не е само членство како членство, туку постигнување стандард, квалитет на живот.мд/са/

Остани поврзан