• понеделник, 23 декември 2024

Заврши Фестивалот на народна култура „Пображење” во Вевчани

Заврши Фестивалот на народна култура „Пображење” во Вевчани

Вевчани, 20 август 2023 (МИА) - Со концерт на ансамблот „Македонија“ синоќа во Вевчани заврши 13-тото издание на Фестивалот на народна култура „Пображење”, што од 16 август се одржуваше во организација на културно уметничкото друштво „Дримкол“.

Фестивалската награда плакетата „Чувари на изворната традиција“ годинава им беше доделена на членовите на ЗФГ „Копачка“ од делчевското село Драмче, за најуспешна презентација на традиционален изворен фолклор на Фестивалот.

Народната култура на својата земја во рамките на фестивалската програма ја презентираа 10 културно уметнички друштва од земјава и странство, а преку ликовните дела на млади сликари од ликовното студио „Свети Кирил и Методиј“ од Битола народната култура беше насликана и преку изложба презентирана пред многубројната публика во Вевчани.

- Фестивалот оваа година помина во најдобар ред, многу сме задоволни од квалитетот на програмата што ја презентираа сите ансамбли учесници, а особено сме задоволни од посетеноста за сите четири фестивалски вечери од страна на многубројната публика. Вевчани изминативе денови живееше во духот на традицијата, во ритам на национални и интернационални фолклорни песни и ора и во празничен амбиент на нашата слава Свето Преображение Христово, соопшти КУД „Дримкол“.

Во рамките на фестивалската програма годинава се реализираше и ревија на народни носии од авторот Филип Јаковлески. сс/вг/

Фото: КУД „Дримкол“

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан