Завршија третите велешки спортски игри „Дематели инвест груп“
- Со доделување на пехарите и медалите во Велес денес завршија 3. Велешки спортски игри - Деметели инвест груп.
Велес, 9 јуни 2024 (МИА) – Со доделување на пехарите и медалите во Велес денес завршија 3. Велешки спортски игри - Деметели инвест груп.
Во најатрактивната дисциплина - мал фудбал меѓу 18 екипи првото место го освои екипата на Фенербахче од Кичево, втора беше екипата на Чип такси и трета велешката фудбалска екипа Кеги Моби.
Бубе Црвенпанов од организацискиот одбор на здружението спортски игри Велес оцени дека годинава биле најмасовни и најпосетени.
Тој информира дека годинава на спортските игри учествуваа 500 натпреварувачи екипи и поединци од земјава и Шпанија, Италија, Србија, Црна Гора, Украина, Грција, Албанја и Куба, во мал фудбал, тенис, одбојка на песок, е-спорт и 3х3 баскет кои за прв пат годинава се одвива по официјални ФИБА правила.
- Градскиот парк беше преполн со навивачи од првата до последната вечер од овој голем спортски настан во Велес. Возбудливи натпревари, аплаузи и насмевки можеа да се забележат на сите терени до доцните вечерни часови. Задоволни сме и среќни што на велешани им понудивме спортски игри организирани на врвно ниво. Потврда за тоа е што љубителите на спортот од градот масовно не поддржаа и навиваа спортски за сите екипи, потенцира Црвенпанов.
Тој најавува за догодина уште повеќе домашни и странски екипи и воведување на нови спортови на игрите. ад/зс/
Фото: МИА